Селекторот Николиќ со 24 одбојкари во подготовките за Европското првенство

Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Нов селектор, а познато лице во црвено-жолтиот табор, проверен и стандарден играчки кадар, вообичаени цели за потврда и за надградба на создаденото реноме. Тоа е сижето на позициите за македонската машка сениорска одбојкарска репрезентација на почетокот на реализацијата на следната мисија – Европското првенство во септември.

Групата во финскиот град Трампере е силен предизвик за македонските одбојкари коишто пред две години во Љубљана славеа две победи, но не играа осминафинале, а во јануарскиот квалификациски циклус успеаја да го најдат патот до континенталното друштво. Оттука, амбициите не би требало да бидат намалени иако сега веќе не сме непознаница, што не значи дека не можеме да бидеме изненадување за европската елита.

Собирот за тренажниот процес е в недела (11 јуни) во Маврово. Селекторот Душко Николиќ, кој го наследи Никола Матијашевиќ по периодот во којшто ја имаше улогата на негов асистент, одреди список со 24 одбојкари, меѓу нив четворица со статус резерви.

фото: Слободен печат/Драган Митрески

Изборот е вообичаен со напомена дека во споредба со неуспешниот настап во Европската сребрена лига, како и со неколку претходни аккции, повратници во составот се Марјан Урдов и Марко Јуниор Стошиќ.

Список македонски репрезентативци за подготовки за ЕП 2021

Техничари: Ѓорѓи Ѓорѓиев, Филип Деспотовски, Марко Јуниор Стошиќ, Ефтим Ричлиев
Коректори: Никола Ѓорѓиев, Стојче Арсов, Марјан Урдов
Примачи: Владо Милев, Александар Љафтов, Стојан Илиев, Васе Михаилов, Лука Костиќ
Блокери: Филип Маџунков, Ристо Николов, Иван Андонов, Славе Наков, Филип Савовски, Филип Лепидовски
Либера: Дарко Ангеловски, Филип Николовски

– Резерви: Давид Стојанов (техничар), Михајло Мирасчиев (коректор/блокер), Тино Шулајковски (блокер), Блертон Бафтијари (примач)
– Костиќ, Савовски, Арсов и Лепидовски ќе се приклучат на подготовките по Балканијадата во Приштина за играчи до 20 години

Фото: facebook.com/volleyballmkd

Откако ќе го заврши подготвителниот дел во Маврово на којшто селекторот Николиќ и неговиот асистент во стручниот штаб Арсение Протиќ ќе работат на техничко-тактичкиот, а кондицискиот тренер Даниел Мишиќ на физичкиот сегмент, македонскиот национален состав ќе ја почне фазата со одигрување пријателски натпревари, меѓу нив и оние на традиционалниот турнир „Чајка“.

Како и во „Стожице“, прв ривал на Европското првенство и овој пат ќе ни биде Финска која сега ќе игра на домашен терен. Тој натпревар, можеби и клучен за нашите амбиции да играме осминафинале, е закажан на први септември, два дена потоа ќе се сретнеме со Холандија, на петти ќе ги одмериме силите со Турција, на шести ќе сервираме против Шпанија, а во последното коло на осми септември противник ќе ни биде великанот Русија.

Николиќ е нов селектор на македонската одбојкарска репрезентација

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот