Се огласи Нобеловиот комитет за предлогот на Венецуелката да му ја отстапи наградата на Трамп
По изјавата на лидерката на венецуелската опозиција, Марија Корина Мачадо, која рече дека можеби ќе му ја додели наградата за 2025 година на американскиот претседател Доналд Трамп, се огласи норвешкиот Нобелов институт, кој порача дека Нобеловата награда за мир не може да се пренесе, сподели или одземе, објави Ројтерс.
Препорачано
Во соопштението, Институтот наведува дека одлуката за доделување на Нобеловата награда е конечна и трајна, повикувајќи се на статутот на Нобеловата фондација, кој не дозволува жалби.
Организацијата, исто така, забележува дека комисиите за награди не коментираат за постапките или изјавите на лауреатите откако ќе ги добијат своите награди.
„Откако Нобеловата награда ќе биде објавена, таа не може да се одземе, сподели или пренесе на други. Одлуката е конечна и важечка за сите времиња“, соопштија Норвешкиот Нобелов комитет и Норвешкиот Нобелов институт.
Марија Корина Мачадо, во изјава за „Фокс њуз“, во понеделникот изјави дека доделувањето на наградата на Трамп би бил чин на благодарност од венецуелскиот народ за отстранувањето на Николас Мадуро.
Трамп, кој не ја криеше својата желба за престижната награда и постојано ја поврзуваше со своите дипломатски достигнувања, рече дека би му било чест да ја прими Нобеловата награда доколку Мачадо ја понуди за време на планираниот состанок во Вашингтон следната недела.
На Марија Корина Мачадо, поранешна членка на Националното собрание, ѝ беше забрането да се кандидира на општите избори во Венецуела во 2024 година.
Таа го поддржа кандидатот за кој се сметаше дека победил на гласањето, иако Мадуро прогласи победа. Ревизиите на гласањето спроведени од независни набљудувачи покажаа неправилности во официјалните резултати.


