Рос Дејвидсон повторно осуден за силување: „Напаѓа кога нема да го добие она што смета дека му припаѓа“
Поранешниот пејач на музичката група „Спандау балеј“, Рос Дејвидсон (37), е прогласен за виновен за силување и сексуален напад. Поротата во средата го осуди по сите точки од обвинението, по повеќе од 11 часа советување, пренесува „Дејли Мејл“.
Препорачано
Дејвидсон, кој настапувал под уметничкото име Рос Вајлд, бил фронтмен на бендот во 2018 година, а се појавувал и на лондонскиот Вест Енд во мјузиклот „We Will Rock You“. Обвинителството за време на судењето наведе дека нападите ги извршил затоа што верувал дека „има право на секс кога и да посака“.
Обвинителството: Кога не го добива тоа што го сака, користи сила
Обвинителот Ричард Хирнден изјави дека Дејвидсон често бил доживуван како „вид секс-симбол“, шармантен и харизматичен, но дека две жени сведочеле за неговата „значително помрачна страна“, која на почетокот не ја препознале.
„Токму затоа што Рос Дејвидсон очекува секс, прибегнува кон силување и сексуален напад кога нема да го добие она што смета дека му припаѓа“, ѝ рече Хирнден на поротата.
„Бев беспомошна“
Една од жртвите сведочеше дека Дејвидсон ја нападнал во март 2015 година додека спиела во неговиот кревет во Лондон. Таа изјави дека се чувствувала „беспомошно“ и била „премногу исплашена за да реагира“.
Навела и дека пред нападот ѝ зборувал дека му се допаѓа идејата за секс со манекенка во „беспомошна состојба“, со некој што „не се движи“. Исто така, без нејзина согласност ѝ ставил сексуална огрлица и лисици околу 20 минути, поради што била „збунета“ и „шокирана“. Дејвидсон ги отфрли овие обвинувања на суд, нарекувајќи ги „целосна лага“.

Напад во хотелска соба на Тајланд
Втората жена сведочела дека во декември 2019 година се разбудила во хотелска соба на Тајланд и го затекнала Дејвидсон како се обидува да ја силува без нејзина согласност и без кондом. Таа изјави дека успеала смирено да го одврати, по што тој ѝ рекол: „Фала ти што беше кул во врска со ова.“
Признал воајеризам, нападите ги негирал
Дејвидсон претходно признал вина за воајеризам на Тајланд, откако тајно снимал една жена. На неговиот мобилен телефон бил пронајдено видео на кое се гледа како ја допира додека спие. Обвинителството наведе дека жената на видеото била „заспана, неподвижна и без реакција“, како и „полугола“. Жртвата, според наводите, не знаела дека видеото постои сè додека полицијата не ја информирала во 2023 година.
Тој изјавил дека видеото го направил од „себични причини, за сексуално задоволство“, додавајќи дека „имал дозвола да ја допира, но не и да ја снима“. Обраќајќи се до поротата, емотивно рекол: „Би сакал тоа никогаш да не сум го направил.“
За време на судењето ги негирал силувањата и нападите, тврдејќи дека сите односи биле со согласност. За себе рекол дека е „сексуално позитивен“ и отворен за различни практики.
Веќе осудуван, останува во притвор
Ова не е прва пресуда против Дејвидсон. Во јули 2024 година, порота веќе го прогласи за виновен за силување на една жена и два одделни сексуални напади врз уште две. Најновата пресуда се однесува на нападите врз петтата и шестата жртва.
Дејвидсон, кој поради вирусна инфекција не бил присутен во судот при изрекувањето на пресудата, останува во притвор. Дополнително рочиште, на кое ќе биде одреден датумот за изрекување на казната, е закажано за 4 февруари.


