Ролан Гарос: Циципас со пресврт до осминафиналето
Петтиот носител Стефанос Циципас обезбеди пласман во осминафиналето на Ролан Гарос откако во последниот меч од денешната програма во четири сета го победи Американецот Џон Изнер и тоа со 5:7,6:3,7:6,6:3 по два часа и 40 минути игра.
Првиот сет навести дека мечот ќе биде неизвесен, беше израмнето до 11 гем кога Изнер направи брејк и потоа на свој сервис го потврди со што поведе со 1:0.
Во вториот сет, Циципас со еден брејк за водство од 5:3 успеа да дојде измранување во сетови. Најдраматично беше во третиот сет кој беше одлучен во тај-брејкот и му припадна на Циципас кој потоа немаше проблеми да го освои и четвриот сет и да обезбеди пласман во следната рунда. Нареден противник на Циципас ќе му биде Шпанецот Пабло Карењо Буста кој во три сета го победи Американецот Стив Џонсон.
Сигурен настап имаше и вториот носител Данил Медведев кој со 6:4,6:2,6:4 го победи Рејли Опелка од САД како и Александар Зверев кој исто со 3:0 во сетови го победи Ласло Ѓере од Србија.
Во женска конкуренција, 23-кратната грен слем шампионка Серена Вилијамс се пласира во следната рунда по победата над сонародничката од САД, Даниел Колинс со 6:4,6:4. Уште една ветеранка имаше успешен настап денеска, Викторија Азаренка со 6:2,6:2 ја елиминира Медисон Киз од САД.