Реисот Сулејман Реџепи и другпат ширел говор на омразa, но Обвинителство ги отфрлило сите тужби

Десетици новинарски статии се напишани за навредите на Реисот. Основното јавно обвинителство ниту еднаш не отворило предмет против него по допрен глас.

Десетици пати јавно, најмногу на осветување на нови муслимански верски објекти, поглаварот на Исламската верска заедница Реисот Сулејман Реџепи користи прилика да навреди некој од народите кои живеат во земјава. Со навредливи зборови, Реисот секогаш „удира“ по лицата кои смета дека се против него, сакаат да го разрешат или се противат кога тој позира со оружје во рака или со застрелан дивеч.

Деновиве на социјалните мрежи се појави видео во кое тој повикува на „убиство на кучињата“ и се повикува на шеријатското право. При отворањето на новата џамија во кумановското село Опае на почетокот на годината, тој во својот говор повикува на идентификација на оние кои го оштетуваат исламскиот верски и национален идентитет.

– Треба да бидете сигурни дека во нашата средина имаме такви кучиња. Тие се кучиња на Господ, најгнасните кучиња, тие што го оштетуваат единството на народот, што го оштетуваат Исламот и нашиот верски и национален идентитет. Би ве замолил по овој повод, бидејќи е голем ден, да се обидеме да ги идентификуваме кои се кучињата, а кои се добрите луѓе – вели Реџепи.

Посочува декеа не познава никого од другите нации кој доаѓа и им помага на муслиманите во нивните суштински прашања, национални, верски и духовни прашања. „Вие ако познавате некого, кажете ми и јас да го запознаам“, вели Реџепи.

Во една од многуте негови навреди од 2014 година на пример, поглаварот на Исламската верска заедница во Македонија, директно ги навреди чувствата и правото на сопствен идентитет на Македонците со исламска вероисповед, како и партијата ВМРО-ДПМНЕ. Реисот имаше авторски текст објавен во медиум со наслов „Раѓањето на инвитро-нацијата“ во кој велеше дека Македонците-муслимани се инвитро-нација, измислена од сатанските активности на ВМРО-ДПМНЕ, која сака да создаде нација на антички луѓе за да остане на власт.

Во април лани, кога траеше „препукувањето“ помеѓу двете верски „крила“ во ИВЗ, но и по самата пресуда на судијката Сузана Дончевска која пресуди против реисот Сулејман Реџепи од ИВЗ, а во корист на новиот поглавар Скендер Бузаку, Реџепи неодамна изјави:

– Слушнав дека имала проблеми со здравјето. Не ја жалам, таквите нека починат.

Многу пати Реисот „удри“ и кон Македонците.

– Овој народ, со кој што заедно живееме е див, беспримерно див. Затоа немаат идентитет и никогаш нема да го имаат. По кој знае кој пат Реџепи јавно во своите изјави го навредува македонскиот народ на верски настан кој го искористил и за политички пораки. Ставајќи камен-темелник на џамија во скопското село Арнакија првиот човек на ИВЗ пред насобраните граѓани отворено говори дека македонскиот народ ниту имал ниту пак ќе има свој идентитет.

На 9ти истиот месец поглаварот на ИВЗ доби кривична пријава. Хелсиншкиот комитет препозна ширење на омраза и излагање на подбив на македонскиот народ во неговиот говор кога дава квалификации на „див“ и „непримерен народ без идентитет“.

На 4 ноември лани имаше остра осуда на хомофобичната изјава на поглаварот на Исламската верска заедница, Сулејман Реџепи и повик за јавно извинување на геј-луѓето. Невладините бараа ИВЗ, преку своите органи на надзор, да поведе постапка за утврдување на одговорност на поглаварот Реџепи, за сторената дискриминација по основ на сексуална ориентација.

Десетици новинарски статии се напишани за навредите на Реисот. Основното јавно обвинителство ниту еднаш не отворило предмет против него по допрен глас. Против Реисот лани имаше поднесено три тужби од невладини институции, но како што велат од ОЈО за „Слободен печат“ сите три биле отфрлени, одбиени по разни основи. За најновата навреда на Реисот Сулејман Реџепи ни беше речено дека таа изјава била дадена на кумановска територија и за било каков став треба да се побара изјава од ОЈО Куманово, а не од Републичкото обвинителство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот