Разговор со Теа Трајковска: Најважно за мене е да бидам своја, а не копија на нешто што е веќе копија

Младата и талентирана пејачка Теа Трајковска ги има сите карти во рацете за успех. Шармантна, оригинална, позитивна и суперкреативна. Во разговорот ни ги отвора „картите“ за актуелните ангажмани. Само една карта остава затворена. Приватноста.

Некои твои колеги од естрадата откако почна пандемијата одлучија да нe објавуваат нови песни, но ти го направи сосема спротивното?

– Верувам дека плановите за годинава на сите ни беа поинакви, а мене ми беа замислени повеќе проекти, но за жал, повеќето од нив немаа услови да се реализираат. За среќа, и за несреќа, „Сенки” беше снимена и готова уште во февруари, пред да започне коронакризата и требаше да излезе многу поскоро, но без разлика на тоа што се случи, драго ми е што имав претходно спремен материјал и мотивација да реализираме нов проект, дури и во овие вонредни околности. Верувам дека сè се случува со причина.

Се издвојуваш од македонската естрада и по песните, но и по стилот. Тоа ти беше цел уште на почетокот на кариерата или сосема случајно така се погодија работите?

-Мило ми е ако е таква перцепцијата, бидејќи тоа никогаш не било плански. Во сè што работам најважно ми е да сум своја, а не копија на нешто што е копија на нешто друго.

Кој е најмногу „виновен“ за тоа што си денес, кој најмногу влијаеше на ова што го создаваш денеска?

– Мислам дека никој не е „повиновен” од самите ние, за што било. Животот ни дава ситуации, а од нас зависи нашата реакција и дали нешто ќе нè направи подобри или полоши луѓе. Од моите музички почетоци, и детските и повозрасните, искуството и моето музичко образование ме има многу променето, а единствено што останало исто и со ист интензитет е мојата музичка пасија и љубовта кон тоа што го работам, и перфекционизмот кој сè повеќе оди во нагорна линија.

Речиси секогаш ти се потпишуваш како текстописец на твоите песни. Од каде инспирација, имаш ли некоја автобиографска песна?

– Пишувањето дошло само по себе со создавањето на музика со Лазе. Не од причина што мислам дека моите идеи или текстови се најдобри, туку затоа што како артист мислам дека можам искрено да донесам една тема само ако е нешто што лично дошло од мене. Скоро сите теми, до сега, биле на некој начин биографски или инспирирани од ситуација од реалниот живот и од моето секојдневие.

Важиш и за една од похрабрите на музичката сцена. За потребите на твоите спотови или фотосесии има и умерена провокација која знае да предизвика внимание во јавноста.

– Сакам да експериментирам и да си играм со стилот сè додека тоа е во улога и својство на проектот, песната, приказната. Секогаш сум за артистична провокација, никогаш за вулгарност за внимание по секоја цена.

За твојот приватен живот малку се пишувало. Тоа е затоа што ти сакаш да биде така или едноставно не те прашуваат за приватноста?

– Никогаш не сум мислела дека мојот приватен живот треба да биде во преден план и сè уште не мислам дека треба да биде. Сакам за мене да зборува првенствено тоа што го работам затоа што сум уметник, а не „реалити програм персоналити“.

Имаш ли момче?

– Да се надоврзам на претходниот одговор, ви ветувам дека кога нешто сериозно и убаво ќе се случува, а да не е трач, први ќе ве информирам (се смее, н.з).

Што треба да поседува едно момче за да те освои?

– Лојалност, храброст, интелигенција и хумор.

Ако треба да избереш најзгоден фраер на македонската естрада, чие име би го кажала?

– Дали мислите дека во слободно време си седам и си размислувам кое е најзгодно маче на естрадава?

Што е следно што ќе слушнеме и видиме од тебе?

– Работиме на случајот со Лазе и можам само да кажам дека ќе биде стилски близу до тоа што сум, а сепак ќе пробаме да отвориме нова димензија и да не здосадиме.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот