Разговор со Андреас Трајковски: Целта е да скокнам над 8 метри и стигнам до историско финале на Европското првенство

Македонскиот атлетичар Андреас Трајковски/фото: AK Rabotnicki

Дефинитивно македонскиот атлетичар Андреас Трајковски лани ја имаше најдобрата сезона во неговата атлетска кариера. Тоа го докажа во низа натпреварувања со одлични настапи, резултати, рекорди, што секако му донесе и многу добар ранкинг во Европа и светот.

Имаше прво место во скок во далечина во Архус со 7,52 метри, кој е дел од серијата бронзени митинзи под капата на Светска Атлетика. Второ место на митингот во Копенхаген (исто така бронзена етикета од Светска Атлетика) со скок од 7,70 метри. Најпрвин оствари нов македонски рекорд во негова сопственост од 7,79 метри во Калитеа, а подоцна оствари нов, личен, уште подобар од 7,91 метри (+1,9 м/с) на митингот во Хетинген, Германија.

На Европското екипно првенство (3-та дивизија) во Силесиа, Полска, Трајковски беше победник во скок во далечина (7,73 м), имаше прво место на митингот во Штутгарт, Германија, со скок од 7,67 метри, а имаше и бронза од Балканското првенство во Краљево со скок од 7,75 метри.

Тука може да се одвои и настапот во Загреб, Хрватска (петто место) на турнирот „Меморијал Ханжековиќ“ каде имаше исто така одличен скок од 7,84 метри.

– Сезоната 2023 беше најдобрата сезона во мојата атлетска кариера досега. Победив на многу натпревари и покажав голема постојаност низ сезоната. Скокнав личен рекорд од 7.91м и учествував на Светскиот атлетски континентален тур, во Загреб скокнав 7,84м за да ја завршам мојата сезона. Во моментов сум 21 во Европа и 51 во светот, највисок пласман од било кој македонски атлет – ни изјави Трајковски.

Тука нема да застане Трајковски, членот на Атлетискиот клуб „Работнички“ е гладен за нови подвизи. Во новата 2024 година влегува со нови мотиви, со верба и надеж за нови големи успеси за македонската атлетика:

– Мојата цел за 2024 година е да скокнам над 8м и да стигнам до финалето на Европското првенство во Рим (7-12 јуни), правејќи историја како прв македонски атлет кој ќе стигне до финале на Европско првенство. Ова е мојата прва најголема цел, а потоа сонувам да се квалификувам за Летните Олимписки игри во Париз 2024 преку Светскиот ранг-систем. Во моментов сум 20 на “Road to Paris” листата и треба да бидам во топ 32 до 30-ти јуни за да се квалификувам. Мојот тренинг во моментов оди многу добро и сум во најдобра форма – се зборовите на македонскиот атлетичар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот