Пропаднаа преговорите за борба меѓу Фјури и Усик во Лондон

Пропаднаа преговорите за борбата за обединување на титулите светски шампионат во тешка категорија меѓу Британецот Тајсон Фјури и Александар Усик, изјави денеска промоторот на украинскиот боксер Александар Красик, пренесува „Скај“.
Усик е светски шампион во верзиите ВБА, ИБФ и ВБО, додека Фјури е светски шампион во верзијата ВБЦ. Борбата меѓу британскиот и украинскиот боксер требаше да се одржи на 29 април на стадионот „Вембли“ во Лондон.
Менаџерот на Усик, Егис Климас, претходно денеска изјави дека ништо нема да излезе од борбата, а оваа информација ја потврди и Красик, кој рече дека проблемите настанале околу распределбата на парите.
Во текот на преговорите Фјури побарал парите од борбата да бидат поделени 70-30 во негова корист, бидејќи тврдел „дека тој е подобриот боксер и дека борбата ќе се одржи во Лондон“. Усик се согласи на ова барање, но побара од Британците да донираат милион фунти за помош на Украина.
Но, двете страни не успеаја да се договорат, а Климас потврди дека преговорите пропаднале.
Усик и неговите колеги го затворија тренинг кампот и веќе се подготвуваат за следниот противник, а тој ќе биде предизвикувачот од ВБА, Даниел Дубоа.