Прогласени се најдобрите на 22-от меѓународен стрип-конкурс „Велес 2025“
Во просториите на „Европска куќа“ во Велес на 20 август беше отворен 22. Меѓународен стрип-салон. Пред многу стрип-фанови, организаторот додели повеќе награди и признанија.
Препорачано
Прва награда „Златен стрип“ доби „Мрак“ на Марко Стојановиќ (сценарио) и Милорад Вицановиќ Маза (цртеж) од Србија; Втора награда „Златен стрип“ доби „Back to the past“ на Никола Видачковиќ од Србија (сценарио) и Игор Јовчевски од Македонија (цртеж); Трета награда „Златен стрип“ доби „Залогај“ на Далибор Дадо Пехар од Хрватска.
За најдобар македонски стрип е прогласен „Ехоата на Зал’ахим“ на Војдан Андонов (сценарио) и Марко Марковиќ (цртеж); Најдобро сценарио има „Проклета авлија“ на Марко Стојановиќ од Србија; Најдобар уметнички израз има „Души“ на Марко Стојановиќ од Србија (сценарио) и Василис Гогцилас од Грција (цртеж).
Специјални награди за млади автори во соработка со „Европска куќа Велес“ добија: „Родна Ивева – не умре од куршум, умре од предавство“ на Меланија Стојанова (сценарио и цртеж) и Анџело Џипунов (сценарио) од Велес; „Тешки времиња“ на Александар Танчовски (сценарио и цртеж) од Скопје; „Strum!“ на Тамара Николова од Велес.
Најмлад учесник со стрипот „Фудбал со изненадувања“ е Марко Купенков (7 години) од Скопје; Најдобар дебитантски стрип е „Само фантазија“ на Ања Стојадиновска од Куманово; Наградата за најдобар стрип во категорија до 14 години ја делат „Чудното чупе“ на Теона Чаловска од Битола и „Помирување во пракса“ на Вук Стојановиќ од Лесковац, Србија. Диплома во оваа категорија доби стрипот „Сонот на Вера“ од Христина Здравковски од Велес.
Награда за најдобар стрип во категорија до 18 години доби „Добро утро“ на Магдалена Марјановиќ од Ресен. Диплома во оваа категорија доби стрипот „Волшебно кученце“ на Андреа Младеновска од Скопје.
Стрип-салонот „Велес 2025“ продолжи со седмата Меѓународна стрип-колонија, која трае до 25 август со учесници од Србија, Бугарија и Македонија.


