Пријава до обвинителството за ексдиректори на ТЕЦ „Неготино“, земале и плати и апанажа по престанокот на функциите
Антикорупциската комисија ќе поднесе пријава до Јавното обвинителство против поранешни членови на управен и надзорен одбор на ТЕЦ Неготино за кои стигнала пријава и било утврдено дека и по соединувањето на АД ТЕЦ Неготино кон АД ЕСМ – Скопје земале и плата и апанажа и покрај престанокот на функциите.
Препорачано
-Лицата наведени во пријавата биле членови на поранешниот управен одбор на АД, воедно и распоредени на директорски позиции во организациони единици во ТЕЦ Неготино. По статусната промена и соединување на АД ТЕЦ Неготино кон АД ЕСМ-Скопје, по престанок на функциите, како членови на управниот одбор, овие лица останале во работен однос во АД што било незаконски, бидејќи вработувањето во трговските друштва во државна сопственост единствено е преку јавен оглас. Оправдување за таквиот начин на вработување биле менаџерските договори врз основа на кои им било овозможено да изберат дали ќе останат во АД или ќе се вратат на старите работни места од каде дошле пред изборот. Дополнително во пријавата, лицата добиле средства во вид на апанажа врз основа на менаџерски договори во висина од целосни 12 плати што претставуваат дополнителни приходи на редовната плата која ја добивале, а тоа значи дека како вработени во АД добивале редовна месечна плата и плус една плата согласно менаџерските договори – изјави членот на ДКСК, Сервет Демири кој го образложуваше предметот.
ДКСК утврди дека наводите се потврдуваат и согласно законот за спречување на корупција и судир на интереси, ќе иницираат постапка пред Обвинителството. Одлуката беше донесена едногласно.


