Празничната магија на Ана Лазареска / Фото: Приватна архива

Празничен разговор со Ана Лазареска, инфлуенсерка: Божиќното украсување го сакам уште од детството, а особено откако станав мајка

Божиќното украсување за многумина не е само естетски момент, туку начин да се внесе топлина, мир и радост во домот. Во пресрет на новогодишните и божиќните празници, голем број Македонци на социјалните мрежи споделија како изгледа нивната празнична атмосфера – од светилки и елки, до внимателно одбрани детали што го прават домот поубав и пополн со духот на празниците. Меѓу нив е и Ана Лазаревска, која ни дозволи да ѕирнеме во нејзината празнична магија и во начинот на кој го уредува својот дом во овој период од годината.

Ана е инфлуенсерка од Охрид со речиси 9 илјади следбеници на социјалните мрежи, препознатлива по својата изразена естетика и чувство за добра фотографија. Она што особено ја издвојува е вниманието на деталите, без разлика на сезоната. Нејзините фотографии, сепак, најмногу воодушевуваат за време на новогодишните и божиќните празници, кога домот и кадрите што ги споделува зрачат со топлина и празнична магија. Таа е сопруга, но и мајка на седумгодишната Сара, за која, како што вели, особено ѝ е важно да создаде вистинско празнично чувство во домот.

Фото: Приватна архива

Кога и како се роди твојата љубов кон божиќното украсување?

– Уште од најрана возраст, кај нас во домот секогаш и за секој празник се украсуваше и во мир и благосостојба се дочекуваа празниците. Желбата стана уште поголема откако станав сопруга и мајка, кога имаш свое местенце и со голема љубов го украсуваш.

Кога започнува божиќната магија во твојот дом и колку време ти е потребно за целосно украсување?

– Со украсување секогаш започнувам во декември. За целосно украсување на домот ми е потребна една недела, затоа што секогаш има нешто што ќе го преуредам додека да дојдам до посакуваниот изглед и атмосферата која сакам да ја добијам.

Фото: Приватна архива

Каков стил на божиќно украсување најмногу те опишува?

– Практикувам традиционален стил на украсување. Зелената, црвената, белата и златната за мене се вистинските божиќни бои и никогаш не би ги сменила. Секоја година украсувам исто, но секогаш надополнувам со нови детали. Оваа година, првпат направив мала промена – на елката имам само една голема црвена панделка, за да се испочитува трендот.

Кое е парчето декорација што ти е најдраго?

– Посебно значење за мене има лампионот со името на мојата ќеркичка.

Фото: Приватна архива

Од каде најчесто ја црпиш инспирацијата?

– Во пракса ми е, пред да почнам со украсување, да отворам и да пребарувам на Пинтерест.

Имаш ли божиќен ритуал поврзан со украсувањето?

– Немам некој посебен ритуал, но украсувам на почетокот на декември заедно со ќеркичката, со божиќни песни во позадина. А кога сè е готово, знаеме да седнеме покрај елката со топло чоколадо.

Фото: Приватна архива

Кое чувство сакаш да го предизвикаш кај луѓето кога ќе го видат твојот дом?

– Сакам да им разбудам чувство на мир, топлина и хармонија и, секако, да си бидеме инспирација едни на други.

Исто така, ќе ја искористам оваа прилика да им ги честитам новогодишните и божиќните празници на сите ваши читатели.

Интервју со Никола Блажевски, вљубеник во ентериерно уредување: Со украсувањето на нашите домови внесуваме радост и нова енергија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот