Интервју со Никола Блажевски, вљубеник во ентериерно уредување: Со украсувањето на нашите домови внесуваме радост и нова енергија
Новогодишните празници се време кога секој од нас цели кон тоа да го претвори својот дом во бајковита сцена.
Препорачано
Никола Блажевски, 31-годишен координатор на Центар за обука по Прва помош од Скопје, ја користи својата страст за ентериерно уредување за да создаде уникатна празнична атмосфера. Со големо внимание на деталите, тој секогаш го трансформира својот дом во простор што зрачи со стил и празнична радост.
Во интервју за „Слободен печат“, тој ни сподели како успева да ја оживее новогодишната магија преку креативноста и љубовта кон дизајнот.
Никола, кога ти се роди љубовта кон новогодишното украсување?
– Со мојата прва новогодишна елка се роди и љубовта кон новогодишното украсување, а со текот на годините прерасна во пасија која ја негувам не само во мојот дом, туку и кај мојата блиска фамилија и пријатели, како и професионалните ангажмани за декорирање.

Колку време ти е потребно за целосно да го украсиш домот?
– Украсувањето на мојот дом започнува првиот викенд во декември со поставување на елката и нејзино украсување со сијалички, лампиони и други декорации, а потоа продолжувам со останатите простории, балкон и сите детали кои треба да се декорираат. Секако помош имам од моите пријатели кои се секогаш со мене на денот на украсувањето. За целосно украсување на домот ми се потребни два дена.
Дали секоја година го менуваш стилот на украсување или се придржуваш кон одредена тема?
– Стилот на украсување би го нарекол класично традиционален стил кој секоја година само го надополнувам со нови украси и детали. На елката се претежно стаклени лампиони, пердуви, печурки, цветови, свеќи, кадифени панделки и други декорации кои можат да се забележат на фотографиите.

Кои се твоите омилени украси и дали има некои што имаат посебно значење за тебе?
– Во секој декориран агол имам омилени украси, можам да ја одвојам колекцијата од порцелански здели и украси кои се поставени на малата масичка во дневниот простор, а со посебно значење ми се лампионите кои ги земав од фамилијарната елка кои се многу стари и значајни за мене.
Дали можеби сакаш да купуваш украси како сувенири од твоите патувања?
– Од секое мое патување има минимум еден новогодишен украс, сеедно дали моето патување било во летен или зимски период, секогаш се бара продавница со сувенири и орнаменти во новогодишен стил. Интересно е што добивам новогодишни украси и од моите пријатели кои одат на некое патување.

Дали имаш некој посебен новогодишен ритуал поврзан со украсувањето?
– Секоја година украсувањето го започнувам со замислување желба со поставување на нов лампион на елката, па така елката секоја година си има по некој нов украс. Да не го заборавам и поставувањето на подароците под елката и нивно отворање првото утро по новогодишната ноќ.
Дали украсувањето за тебе е начин да внесеш радост и за другите луѓе?
– Точно. Пред сѐ, за себе, но и за луѓето околу мене како мојата фамилија, блиски пријатели и сите оние кои ме следат на социјалните мрежи. Со самото украсување и декорирање на нашите домови внесуваме радост, нова енергија, прави да се чувствуваме малку поеуфорични бидејќи се ближат празниците.

Кое чувство сакаш да го предизвикаш кај луѓето кога ќе го видат твојот дом?
– Радост и хармонија, секако и инспирација за некоја нова промена во нивните домови кои се новогодишно украсени. И оваа прилика сакам да ја искористам да им ги честитам новогодишните и божиќните празници на сите ваши читатели.







