Позната тиктокерка уапсена откако со автомобилот усмртила човек: Се снимала во живо додека возела
Американската тиктокерка Тинеша Мекарти-Вротен, позната како Чај Тајм, е уапсена откако беше осомничена дека со својот автомобил удрила и усмртила пешак, додека се снимала во живо додека возела низ предградието на Чикаго во ноември.
Препорачано
Според соопштението од полицијата во Зајон, кое го објави „Пипл“, тиктокерката е уапсена на 23 декември, за нејзината наводна улога во сообраќајната несреќа во која Дарен Лукас, 59-годишен маж, починал враќајќи се од работа во продавница за храна.
„Бројни граѓани ги известиле истражителите за видео на Тикток кое наводно ја прикажува Мекарти како се снима себеси во живо додека вози во времето на несреќата“, се вели во соопштението.
Истражителите го потврдиле видеото, а подоцнежната форензичка анализа на телефонот, која таа го предала преку адвокат, потврдила дека снимката е направена во времето на несреќата.
Според извештаите, во видеото може да се слушне глас: „Тукушто удрив некого“.
Сметката на Тикток од која бил дистрибуирано видеото наскоро станала приватна, а информациите за локацијата на корисникот биле избришани.
Канцеларијата на државниот обвинител на округот Лејк издаде налог за апсење на тиктокерката. Полицијата вели дека осомничената се обидела да го напушти домот со неколку спакувани торби, но била уапсена кратко време по издавањето на налогот.
Според соопштението, во возилото имало и осумгодишно малолетно дете. Тиктокерката доброволно отишла во полициската станица, дала изјава и се согласила на тест за крв и урина, но на почетокот одбила истражителите да го прегледаат нејзиниот телефон.
Инаку, починатиот Лукас штотуку ја завршил смената во продавницата и ја преминувал улицата кон својот дом кога бил удрен на раскрсницата. Полицијата и пожарникарите пристигнале околу 17:46 часот и го пронашле Лукас со сериозни повреди. Тој бил итно префрлен во медицинскиот центар Виста, каде подоцна починал.
Истражителите ги анализирале снимките од околните камери и тврдат дека возилото минувало низ раскрсницата додека семафорот за неговата лента бил црвен и дека возилото не забавило пред судирот, движејќи се со несоодветна брзина.


