Потребен е јасен став – дали ни треба текстилната индустрија?- прашуваат од Гласен Текстилец
Под итно да се донесе национална Стратегија за оваа гранка и по примерот на Хрватска да се воспостави Солидарен фонд кој ќе обезбеди исплата на плати и придонеси на работниците во случај на затворање на фирми или повлекување на странски сопственици
Национална стратегија за трансформација на текстилната индустрија да донесе Министерството за економија и труд во координација со синдикатите и граѓанските организации, бара Гласен Текстилец“. Од ова Здружение посочуваат дека процесот на изработка на стратегијата треба да биде транспарентен и инклузивен, според моделот на Борос (Шведска), со вклучување на сите засегнати страни (синдикати, граѓански организации, експерти, локални власти, универзитети и приватни компании), што значи да се имаат предвид европските трудови и социјални стандарди. Притоа, наместо досегашниот модел „евтина работна сила“ да се развие пристап кој води кон произвoдство на висококвалитетни, брендирани и еколошки производи со висока додадена вредност. Колку за потсетување последната државна Стратегија за овој сектор датира од 2007 година.
Препорачано
-Министерството за труд и економија, Агенцијата за странски инвестиции и другите надлежни институции да донесат мерки за поддршка на домашното производство и развивањето сопствени брендови: финансиски и даночни стимулации за компании што инвестираат во сопствени производи и иновации наместо во лон-производство, намалување на увозот на евтина и неквалитетна облека, во јавните набавки на јавните институции да се даде предност на домашните компании (особено за набавка на униформи, заштитна опрема и други производи) – децидни се од Гласен Текстилец.
Тие сметаат дека општините во Источниот регион треба да донесат локални и регионални планови за индустриски развој: да развијат планови за поддршка на текстилниот сектор, да се создадат регионални кластери за иновации, заеднички лаборатории и центри за маркетинг и извоз, достапни за мали и средни компании.
Од Гласен Текстилец се на став и дека МЕТ и Агенцијата за вработување треба да работат на развој на човечките ресурси, во контекст на инвестирање во обуки и преквалификации за нови технологии, дигитален дизајн, еко-производство и стандарди за извоз, но и да ги поттикат младите и жените да преземаат лидерски улоги во индустријата.
-При развивањето на Стратегијата, Владата, Фондот за иновации и Министерството за финансии, да ги имаат предвид принципите за одржливост, зелена економија и транспарентност, кои ќе поттикнат инвестиции во модернизација на опремата, намалување на отпадот, користење рециклирани материјали и нивна примена во други гранки, доделените државни кредити да бидат транспарентни и да се дава отчет за субвенциите и нивните резултати, со што ќе се поттикне здравата конкуренција и борбата против сивата економија и нелојалната конкуренција – велат од ГТ.
Особено се бара по примерот на Хрватска, да се воспостави Солидарен фонд кој ќе обезбеди исплата на плати и придонеси на работниците во случај на затворање на фирми или повлекување на странски сопственици.
Од 1 јануари до 27 јули оваа година во Агенцијата за вработување биле регистрирани 5.393 одјави од задолжително социјално осигурување во текстилната индустрија. Од нив, 37% се поради истек на договорот на определено време, 19,7% се поради отказ од страна на работникот, 19,3% се поради спогодбен престанок на работен однос, 6,4% се поради отказ од страна на работодавачот, 3,4% се поради отказ од деловни причини, 0,3% се поради престанок на дејност на работодавачот, а 13,9% се одјави од други причини (смрт, записник од ДИТ и др.). Она што посебно загрижува е дека работите ги губат работнички во петта или шеста деценија во животот, жени на само неколку години пред пензија, кои целиот свој работен век го поминале на шивачките машини, во конфекциите, објави Локал Актив од Штип.


