Поп Ацев е во трка за светската титула во ултрамаратони

Поп Ацев ќе плива и в сабота во трката од Светската серија на 10 километри во Охрид/Фото: facebook.com/evgenij.acev

Откако заврши како третопласиран на маратонот во Охрид минатата сабота, македонскиот маратонец смета дека има шанси да се избори да биде првак во вкупен пласман на крајот на Светската серија ултрамаратони на ФИНА. Тоа би му била четврта ваква титула.

Трикратниот светски првак во маратонско пливање Евгениј Поп Ацев (33) ја започна сезонава во Светската серија ултрамаратони на ФИНА со подиум. Поп Ацев заврши како третопласиран на Охридскиот маратон на патеката од 25 километри со време 5:10:34,50 часа, зад Италијанецот Едоардо Стокино (5:10:32,00) и шампионот, Французинот Аксел Рејмонд (5:10:31,00).

Ова беше прв маратон од оваа серија сезонава, откако неколку беа откажани поради коронавирусот. Сезонава оваа серија предвидено е да има само три маратони. За две недели треба да се одржи Капри – Наполи, а најверојанто серијата ќе заврши во Аргентина во ноември со маратонот во Розарио. Амбицијата на нашиот најдобар маратонски пливач е на крајот да биде прв во вкупен пласман во оваа серија најтешки маратони. За Евгениј ова би била четврта таква титула, откако беше првак во 2015, 2017 и 2019 година.

– Имам шанси. Три пати бев првак во Светската серија ултрамаратони. Има шанси и сезонава да бидам прв, тоа ми е амбиција. Ќе видиме. Има уште две трки, а сега сум третопласиран на ранг-листата – вели Поп Ацев.

Охридскиот мартон сезонава беше силна и брза трка, а Евгениј доцнеше само три ипол секунди зад победникот.

Поп Ацев го освои третото место на Охридскиот маратон/Фото: facebook.com/evgenij.acev

– Задоволен сум со третото место. Одев на победа, имав шанси, но на крајот за неколку секунди беа подобри Италијанецот и Французинот. Французинот беше фаворит, тој е актуелен светски и европски првак. На домашен терен секогаш се надевам на победа. Темпото беше многу силно, интересна тешка трка во Охрид. Немаше тактизирање, како што знае да има во Охрид, беше со силно темпо од почеток до крај – вели Поп Ацев кој во Охрид има една победа (2015, кога стана прв Македонец победник на ОМ), три втори места (2014, 2017, 2019) и две трети места (2011, 2021).

Поп Ацев сезонава всушност плива во две серии, односно ултрамаратони (25 км и повеќе) и во олимписката дисциплина 10 километри. Ќе плива и в сабота во трката од Светската серија на 10 километри во Охрид.

– Тешко и напорно е да пливате во две серии паралелно, но не можам да не пливам затоа што трките се во Македонија. Мислам дека ќе бидам подготвен и на 10 километри претстојниот викенд. Во Охрид ќе пливаат педесетина пливачи. Охрид е прва трка од овој Светскиот куп, по Олимписките игри и ќе дојде светската елита. Слушнав дека меѓу другите ќе учествуваат Кристоф Расовски (Унгарија), олимписки вицепрвак и Марк-Антоан Оливје, првиот на ранг-листата во оваа серија моментно. Кај жените веројатно ќе учествува олимписката шампионка на 10 километри Ана Масела Куња (Бразил) – вели Евгениј.

Поп Ацев има амбиција да се квалификува за Олимписки игри/facebook.com/evgenij.acev

Што се однесува до неговите долгорочни цели, во план му е да учествува на квалификациите за ЛОИ 2024 Париз.

– Сезонава фокус ми беа квалификациите за ЛОИ Токио. Не успеав да се квалификувам, само две позиции бев „краток“ во пласманот во квалификациската трка. Ова ми е трет пат како се борам за да учествувам на ЛОИ и овојпат малку недостасуваше. Амбиција ми е, ако се е во ред, да се обидам уште еднаш да се квалификувам на ЛОИ, овојпат во Париз во 2024 година – вели искусниот маратонски пливач.

ФОТО: Французинот Рејмонд е победник на Охридскиот пливачки маратон, Поп Ацев на третото место

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот