Почина Боб Пауер, музичар и продуцент кој соработуваше со бројни светски ѕвезди
Боб Пауер, истакнат музичар и продуцент кој работеше со имиња како Ерика Баду, Чака Кан, Ди’Анџело и Дејвид Брн, почина на 73-годишна возраст, пишува „Ролинг стоун“.
Препорачано
Веста за неговата смрт беше споделена преку објава на Инстаграм од музичката платформа „Окејплејер“, основана од Квестлав, член на групата „Д Рутс“, со која Пауер соработуваше со години.
View this post on Instagram
Во објавата се наведува дека со голема тага ја соопштуваат смртта на легендарниот инженер, продуцент и музичар чија работа помогнала да се дефинира звукот на хип-хопот и ар-ен-би музиката за многу генерации. Неговиот придонес оставил трага во некои од највлијателните музички остварувања на нашето време, спојувајќи техничка прецизност со душа, ритам и иновација. Неговото влијание, како што наведуваат, ќе продолжи да одекнува низ секој ритам и секој микс.
Квестлав исто така јавно изрази жалење, истакнувајќи дека Пауер бил долгогодишен професор на Институтот „Клајв Дејвис“ за музика при Универзитетот во Њујорк. Во својата порака напиша дека е скршен од загубата и го опиша како исклучително посветен и фокусиран мајстор на звукот.
Почит му оддаде и Ерика Баду, која освои две награди Греми за музика создадена во соработка со него. Пауер го продуцираше и миксаше нејзиниот хит „On & On“, дел од албумот „Baduizm“.
Во текот на кариерата работеше на повеќе од 40 песни кои се најдоа на врвовите на топ-листите, а над 20 од нив стекнаа златен или платинест тираж. Во 1997 година беше номиниран за наградата Греми за снимањето на албумот „Peace Beyond Passion“ на Мешел Ндегеочело.
Роден е во Чикаго во 1952 година. Првото позначајно искуство со миксање го имал како дете, кога неговата сестра добила гитара за да ја научи песната „Blowin’ in the Wind“ од Боб Дилан. Подоцна се шегувал дека бил разочаран сè додека родителите не му купиле електрична гитара во 1965 година, по што неговата љубов кон музиката се продлабочила.
Студирал класична теорија и композиција на колеџ во Сент Луис, а во 1975 година се преселил во Сан Франциско. Пишувал музика за телевизиски емисии, меѓу кои и „Over Easy“, пред во 1982 година да се пресели во Њујорк, каде што настапувал на бројни концерти.
Во 1984 година сопственикот на студиото „Калиопе“ го замолил да замени тон-инженер за време на годишен одмор. Тој прифатил, а набрзо стекнал широка препознатливост. Веќе следната година започнал соработка со групите „А Трајб Колд Квест“, „Де Ла Соул“ и „Џангл Брадерс“, како и со други уметници. Во текот на кариерата работел и на рекламни музички нумери за компании како Кока-Кола и Мерцедес.


