По изборите ќе започнат реформите во железничкиот сектор

Изборот на модел на преструктурирање и отпочнувањето на реформите во железничкиот сектор ќе се случи по завршувањето на предвремените парламентарни избори.

И покрај тоа што беше ветено дека ќе биде изработена до крајот на 2019 година, анализата за преструктурирање на Железници на РСМ – Транспорт и можните модели за нејзина реализација ќе бидат готови до средината на 2020 година. Изборот на модел на преструктурирање и отпочнувањето на реформите во железничкиот сектор ќе се случи по завршувањето на предвремените парламентарни избори.

Избраниот италијански консултант „Pricewaterhouse Coopers Advisory S.r.l“ ќе треба да одговори дали железничкиот транспортен оператор ќе се приватизира, ќе остане во постојниот формат, ќе се подели на две одвоени претпријатија за товарен и патнички превоз или пак ќе се оди на моделот на влез на приватни компании што ќе бидат конкуренција на Железници на РСМ – Транспорт. Последната реформа во железницата е направена во 2007 година, кога се формираа две независни компании за инфраструктура и транспорт.

– Откако консултантот ќе ја изработи комплетно проектната задача, одлуката за моделот за развој на ЖРСМ Транспорт АД – Скопје ќе ја донесе владата – информираат од Министерството за транспорт и врски за „Мета.мк“.

Македонија е една од последните земји во регионот во која не се направени реформи во железничкиот сектор.

Грција уште пред неколку години ја приватизираше грчката железница „OSE“, чекор што не го следеа другите земји од регионот. Затоа пак, Србија, Бугарија, Романија и Словенија воведоа конкуренција во товарниот транспорт преку влез на приватни оператори, додека во Црна Гора, Србија и Бугарија државниот железнички оператор беше поделен на одделни компании што го организираат товарниот и патничкиот железнички сообраќај.

Од Министерството за транспорт и врски нагласуваат дека најпрво ќе треба да се почека на анализата на консултантската куќа по ова прашање, а дури потоа владата ќе ги разгледа моделите за преструктурирање и ќе го избере најповолниот начин за спроведување на планираните реформи во железницата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот