Цени во маркети / Фото: Dmitriy Shironosov / Alamy / Profimedia

Плати едно, земи три, од кои две расипани

Јогурт, овошни десерти во чаша, колбаси и виршли, но и чипс и апетисани се само дел од производите што се продаваат по принципот „Плати едно – земи две“, па и три производи. Навидум ништо невообичаено, акциските продажби се прават насекаде во светот. Но кај нас често се случува производите да се со поминат рок.

Најчесто датумите каде потрошувачот може да се информира за рокот на траење се залепени со леплива лента, тој го купува производот, а дома следи изненадување кога сфаќа дека производите се со поминат рок. Законот за безбедност на храна дозволува акциска продажба, но најбитен услов е производите да имаат рок на траење.

Дека ваква храна се продава по маркетите доказ е и неодамнешното соопштение на Агенцијата за храна и ветеринарство која објави дека наплатила приближно 40.000 евра во денарска противвредност за 22 казни.

Трговците велат дека станува збор за легитимна практика за намалување на фрлањето храна, додека потрошувачите реагираат дека информациите не се секогаш доволно јасно истакнати. „Слободен печат“ направи обиколка по скопските маркети. Она што можеше да се види е дека најчесто оваа храна е сместена на посебно место во ладилник, доколку станува збор за млечни или за сувомесни производи.

Потрошувачите што ги затекнавме, велат дека многу често се случува да се продаваат производи на последниот ден кога им истекува рокот, а има и такви кои ги купиле, па кога си заминале дома сфатиле дека производите се со поминат рок.

– Купив три овошни јогурти по цена на еден. Го проверив датумот на првиот и имаше рок на траење уште два дена. Но другите две пакувања од 330 грама беа со поминат рок од два дена – вели една госпоѓа.

По истекување на рокот нема продажба

Според експертите за заштита на потрошувачи, продажбата на производи пред истекување на рокот е дозволена, доколку тие се безбедни за употреба и доколку рокот е јасно означен. Најчесто ваквите акции опфаќаат млечни производи, сувомесни артикли, леб и готови оброци, кои имаат рок од неколку дена.

– Ова е начин да се намалат загубите и да се спречи уништување на храна. Но, потрошувачите мора внимателно да го проверат датумот и да купуваат само количина што можат навреме да ја искористат – велат од здруженија за заштита на потрошувачи.

Татјана Тасевска од Организацијата на потрошувачи на Македонија вели дека согласно Законот за безбедност на храна не се дозволува продажба на производите откако ќе истече рокот.

– Акциската продажба е законски дозволена, но единствен услов е производите да имаат рок на траење. Доколку е небезбеден, надлежна е Агенцијата за храна која прави контроли и истите треба да се повлечат од употреба – вели Татјана Тасевска од Организација на потрошувачи на Македонија.

Според важечките прописи, продажбата на производи со поминат рок е забранета, особено ако се работи за леснорасиплива храна како месо, млечни производи или бебешка храна. Надлежните институции апелираат граѓаните да пријават доколку забележат продажба на производи со истечен рок без соодветна ознака или предупредување. Казните за трговците во такви случаи можат да бидат високи.

Разлика меѓу „употребливо до“ и „најдобро до“

Експертите потсетуваат дека постои разлика меѓу ознаките „употребливо до“ и „најдобро до“. Првата означува датум после кој производот може да стане небезбеден за консумација, додека втората се однесува на квалитетот, а не секогаш на безбедноста. И покрај тоа што акциите „Плати едно – земи две“ претставуваат можност за заштеда во услови на зголемени трошоци за живот, од потрошувачките организации советуваат дека попустот не треба да биде причина да се занемари безбедноста. Граѓаните треба да внимаваат бидејќи евтината понуда секогаш не значи и добра зделка.

Дека се продава ваква храна доказ е неодамнешното соопштение на Агенцијата за храна и ветеринарство која објави дека наплатила приближно 40.000 евра во денарска противвредност за 22 казни. Казните биле изречени од инспекциската служба на Агенција за храна и ветеринарство на оператори со храна, во рамки на спроведените вонредни надзори во маркети и хипермаркети на целата територија на државава.

– Во акцијата која се спроведе од 13 до 16 јануари годинава, контролирани беа 188 оператори со храна од оваа категорија – велат оттаму.

Кај 10 оператори, со контролите се утврдени полесни повреди од областа на безбедноста на храната, неселектираност на разладни уреди, нејасни и нечитки декларации на производите и слично, за што се изречени мерки опомена, а во два маркета констатирано е дека вработените лица немаат санитарни книшки. Кај шест од контролираните маркети утврдено е дека немаат имплементирано процедури за примена на правилата на добра производствена и добра хигиенска пракса, а кај 14 маркети затекната беше храна со изминат рок на траење.

Како небезбедни во рамки на оваа акција на Агенцијата, од операторите одземени и нештетно уништени се над 253 килограми храна, месо и преработки од месо, млечни, кондиторски и други видови производи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот