Патување низ стадионите на Светското првенство
Светското првенство во фудбал ќе биде најголемото во историјата, а ќе се одржи низ три земји, САД, Мексико и Канада. Од 11 јуни до 19 јули, на 16 стадиони ќе се водат битки меѓу најсилните светски репрезентации, а секој од тие стадиони носи своја приказна. Имињата на стадионите можеби ќе ви изгледаат непознати, бидејќи ќе се користат одобрените имиња на ФИФА, а не спонзорските, согласно правилата на организацијата.
Препорачано
Историјата на Мундијалите: Како Светското првенство се менуваше низ децениите
Ванкувер, Канада
Ванкувер е еден од градовите домаќини за Светското првенство, а натпреварите ќе се играат на стадионот „БЦ плејс“, кој е отворен во 1983 година и последен пат реновиран во 2011. Овој стадион има капацитет за 54000 гледачи и ќе биде домаќин на неколку возбудливи натпревари меѓу кои Австралија против Турција на 13 јуни, Канада против Катар на 18 јуни, Нов Зеланд против Египет на 21 јуни, Швајцарија против Канада на 24 јуни, како и Нов Зеланд против Белгија на 26 јуни. Покрај групната фаза, „БЦ плејс“ ќе биде сцена и за натпревари од елиминациската фаза, осминафиналињата на 2 јули и 7 јули.
Она што го издвојува „БЦ плејс“ од останатите стадиони е неговиот уникатен покрив со сајли што може да се отвора, најголем од ваков вид во светот. Овој покрив е додаден како дел од големата реновација по Зимските олимписки игри во 2010 година, со што е заменет стариот фиксeн покрив. Кога е отворен, сајлите прават сенки низ теренот, што може да изгледа интересно или да биде вознемирувачко, во зависност од гледната точка. Сепак, последните информации укажуваат дека покривот ќе остане затворен за време на Светското првенство, поради ризикот од нерамномерна сончева светлина што може да влијае на растот на природната трева, која специјално се увезува за турнирот. Ако сепак се одлучи да се отвори, процесот би траел околу 20 минути.
Опасни змии ги вознемирија Швајцарците, размислуваат за промена на базата во САД
Сиетл, САД
Сиетл е еден од значајните градови домаќини на Светското првенство, а натпреварите ќе се играат на „Сиетл стадионот“, познат под своето вообичаено име „Лумен филд“. Стадионот е отворен во 2002 година и има капацитет за 69000 гледачи. На овој стадион ќе се одиграат дуелите меѓу Белгија и Египет на 15 јуни, САД против Австралија на 19 јуни, Босна и Херцеговина против Катар на 24 јуни, како и Египет против Иран на 26 јуни. Сиетл ќе биде домаќин и на осминафиналињата на 1 и 6 јули.
Стадионот е изграден на местото каде што порано се наоѓал легендарниот „Кингдоум“, а е еден од ретките стадиони за Светското првенство кои се наоѓаат во самиот урбан центар на градот. Покрај својата локација, стадионот се издвојува и со препознатливата архитектура. Особено интересни за стадионот, се покривот што ги покрива речиси сите седишта покрај аут-линиите и пирамидалните трибини наречени „јастребово гнездо“ на северната страна од стадионот, каде што намерно е оставен простор е за да се овозможи поглед кон градскиот хоризонт.
Њујорк под закана на голем хаос: Франција и Сенегал може да играат во ист ден со финалето од НБА
Сан Франциско, САД
Модерниот „Сан Франциско беј стадион“ познат како „Левис“ е отворен во 2014 како наследник на легендарниот „Кендлстик Парк“ – некогашниот дом на Сан Франциско 49ерс. Новиот стадион, кој се наоѓа околу 65 километри јужно од Сан Франциско, претставува современо спортско чудо со капацитет за 71.000 гледачи и е познат по еколошкиот дизајн и чистиот поглед кон теренот од сите седишта.
На „Левис“ ќе се одиграат пет натпревари од Светското првенство 2026: Катар против Швајцарија на 13 јуни, Австрија против Јордан на 17 јуни, Турција против Парагвај на 19 јуни, Јордан против Алжир на 22 јуни и Парагвај против Австралија на 25 јуни, како и натпревар од елиминациската фаза на 1 јули.
Проблем за овој стадион претставува горната трибина која е ориентирана така што гледачите се изложени на сонце за време на попладневните натпревари, што довело до повеќе случаи на топлотен стрес.
Лос Анџелес, САД
„Лос Анџелес стадионот“, познат како „Со-Фи стадион“, беше отворен во 2020 и има капацитет за 70000 гледачи. Изграден е преку инвестиција од околу 5 милијарди долари и претставува центар за големи спортски и забавни настани на западниот брег на САД. Неговата најпрепознатлива одлика е полупроѕирниот покрив кој ја покрива целата структура на стадионот.
На „Со-Фи стадионот“ ќе се одиграат седум натпревари од Светското првенство 2026: САД против Парагвај на 12 јуни, Иран против Нов Зеланд на 15 јуни, Швајцарија против Босна и Херцеговина на 18 јуни, Белгија против Иран на 21 јуни, Турција против САД на 25 јуни, две осминафинални средби на 28 јуни и 2 јули, како и едно четвртфинале на 10 јули.
Иако Калифорнија е позната по својата топла и пријатна клима, стадионот најчесто користи вештачка трева бидејќи е дом на два НФЛ тима, што со текот на времето би можело да ја оштети природната подлога. Ова не е единствената голема адаптација, како и неколку други стадиони, така и на „Со-Фи“ мораше да бидат отстранети неколку редови седишта за да се овозможи терен што ги исполнува строгите ФИФА стандарди за димензии.
Мундијалот низ историјата: Герд Милер, гол-машина во едно поинакво време
Гвадалахара, Мексико
„Естадио Гвадалахара“, познат како „Естадио Акрон“, е еден од највпечатливите стадиони на Светското првенство 2026. Отворен во 2010 година, стадионот има капацитет за 48.000 гледачи и ќе биде домаќин на четири натпревари: Јужна Кореја против Чешка на 11 јуни, Мексико против Јужна Кореја на 18 јуни, Колумбија против Демократска Република Конго на 23 јуни и Уругвај против Шпанија на 26 јуни.
Иако внатрешноста на стадионот, кој е секојдневен дом на фудбалскиот клуб Чивас, не се разликува значително од другите модерни стадиони, надворешниот изглед на „Естадио Гвадалахара“ е навистина уникатен. Проектиран од француските архитекти Жан-Мари Масо и Даниел Пузе, стадионот потсетува на еруптирачки вулкан, а речиси целиот објект е сместен во вештачки рид покриен со трева, а само покривот што се протега во круг од 360 степени излегува над површината. Навивачите влегуваат во арената преку отвори под ридот, што дава впечатлив и необичен дизајнерски печат, дури и ако ентериерот не се издвојува меѓу другите стадиони на првенството.
Рекорд што трае 24 години – како Хакан Шукур ја затресе мрежата по само 11 секунди на СП 2002
Мексико Сити, Мексико
„Естадио Банорте“, попознат како „Ацтека“, е најлегендарниот спортски храм на Светското првенство 2026. Се наоѓа во срцето на Мексико Сити и е отворен во 1966 година, со капацитет за 83.000 гледачи. Овој стадион има богата историја, изграден е за Олимписките игри во 1968 година и низ децениите претрпел неколку големи реновации, вклучувајќи ја и најновата која заврши оваа пролет, со што официјалниот капацитет достигнува 87.500 седишта, што го прави осмиот најголем стадион во светот што се користи за фудбал (иако ФИФА за ова Светско првенство го наведува капацитетот како 83.000).
На „Ацтека“ ќе се одиграат неколку клучни натпревари: Мексико против Јужна Африка на 11 јуни, Узбекистан против Колумбија на 17 јуни, Чешка против Мексико на 24 јуни, како и натпревари од осминафиналето на 30 јуни и 5 јули. Овој стадион е единствениот во историјата што бил домаќин на две финалиња на Светско првенство, во 1970 и 1986 година, што дополнително ја зголемува неговата легендарна репутација.
Атмосферата кога Мексикоигра тука е позната како една од најтешките за гостинските репрезентации, благодарение на страствените навивачи на „Ел Три“, но и поради надморската височина од 2.200 метри, што претставува дополнителен физички предизвик за сите што настапуваат на овој славен терен.
Монтереј, Мексико
„Естадио Монтереј“, познат и како „Естадио ББВА“, е отворен во 2015 година со капацитет за 53.500 гледачи, овој стадион ќе биде домаќин на неколку натпревари: Шведска против Тунис на 14 јуни, Тунис против Јапонија на 21 јуни, Јужна Африка против Јужна Кореја на 24 јуни, како и натпревар од осминафиналето на 29 јуни.
Ниту еден друг стадион на ова првенство нема поубав поглед од трибините, фановите на горните блокови во Монтереј ќе уживаат во спектакуларната глетка кон планината Серо де ла Сила, чиј врв е на околу 6000 метри надморкса висина. Стадионот важи за еден од технолошки најнапредните спортски комплекси во Мексико, а притоа се обрнува внимание и на зачувување на локалната екологија преку одржлив дизајн. Наречен „челичниот џин“, „Естадио ББВА“ се одликува и со специјален покрив кој блокира дел од сончевите зраци и овозможува движење на воздухот, со цел да се намалат високите температури карактеристични за североистокот на Мексико.
ФИФА го враќа правилото од пред 20 години за СП: гол-разликата повеќе не е пресудна
Хјустон, САД
Стадионот во Хјустон, познат како „НРГ“ (поранешно, а наскоро повторно и „Релиант стадион“), е модерен спортски комплекс во Тексас кој ќе биде еден од клучните домаќини на Светското првенство во 2026 година. Отворен во 2002 година и со капацитет за 72.000 гледачи за турнирот, стадионот ќе понуди вистинска фудбалска атмосфера за навивачите од целиот свет.
На „НРГ стадионот“ ќе се одиграат седум натпревари од Светското првенство: Германија против Курасао на 14 јуни, Португалија против Демократска Република Конго на 17 јуни, Холандија против Шведска на 20 јуни, Португалија против Узбекистан на 23 јуни, Зеленортските Острови против Саудиска Арабија на 26 јуни, како и осминафиналињата на 29 јуни и 4 јули.
„НРГ стадионот“ се одликува со современа архитектура и препознатлив покрив што може да се отвора, со што се овозможува прилагодување на условите според временските прилики во Хјустон, кој е познат по своите топли и влажни лета. Ова го прави стадионот погоден и за навивачите и за фудбалерите.
Далас, САД
„АТ&Т стадионот“, попознат како „светот на Џери“ во чест на сопственикот на Далас Каубојс, Џери Џонс, е гигант меѓу светските фудбалски арени и ќе биде најголемиот стадион по капацитет на Светското првенство 2026, со простор за 94.000 гледачи. Отворен во 2009 година, овој стадион со подвижен покрив се истакнува со својата импресивна купола која е една од највисоките во светот.
На „АТ&Т“ ќе се одиграат неколку врвни натпревари: Холандија против Јапонија на 14 јуни, Англија против Хрватска на 17 јуни, Аргентина против Австрија на 22 јуни, Јапонија против Шведска на 25 јуни, Јордан против Аргентина на 27 јуни, како и натпревари од елиминациската фаза на 30 јуни, 3 јули и 6 јули, а овој стадион ќе биде и сцена на едно од полуфиналињата на 14 јули.
Како што е карактеристично за Тексас, сè на овој стадион е големо, двојните видео-екрани што се протегаат по целата должина на теренот беа најголеми во светот при отворањето и сè уште се меѓу најимпресивните, толку се големи што дури и некои НФЛ играчи успевале да ги погодат со топката за време на натпревари.
Канзас Сити, САД
„Ероухед стадионот“ во Канзас Сити, е најстариот стадион во САД што ќе биде дел од Светското првенство 2026, со капацитет за 73.000 гледачи и богата историја која започнува уште во 1972 година. Овој стадион, денес познат и како „ГЕХА филд“, е изграден на поинаков начин од тогаш популарните мултифункционални стадиони наречени „бетонски прстени“. Наместо да биде наменет и за бејзбол и за американски фудбал, како што беше трендот во тоа време, Канзас Сити реши да изгради посебен стадион само за фудбалскиот клуб.
Стадионот е реновиран неколку пати низ годините, последен пат во 2010 година, кога беа додадени нова прес-ложа, модерни видео-табли во форма на фудбалска топка на двата краја, а беа и отстранети неколку реда седишта за да се овозможи терен што ги исполнува ФИФА стандардите. „Ероухед“ ќе биде домаќин на пет натпревари од Светското првенство: Аргентина против Алжир на 16 јуни, Еквадор против Курасао на 20 јуни, Тунис против Холандија на 25 јуни, Алжир против Австрија на 27 јуни, како и осминафинале на 3 јули и едно четвртфинале на 11 јули.
Најпрепознатлива е „силуетата“ на стадионот со своите закривени линии по горниот раб, што значи дека седиштата во аглите навистина се во самите агли, карактеристика што го издвојува „Ероухед“ од останатите светски стадиони и му дава посебен шарм.
Атланта, САД
„Мерцедес-бенз стадионот“ во Атланта, претставува еден од најмодерните спортски комплекси во САД и ќе биде домаќин на Светското првенство 2026 со капацитет за 75.000 гледачи. Отворен во 2017 година, овој стадион е дом на НФЛ тимот Атланта Фалконс и МЛС тимот Атланта јунајтед, и е специјално дизајниран за да ги задоволи потребите и на американскиот фудбал и на фудбалот.
Една од највпечатливите карактеристики на „Мерцедес-бенз стадионот“ е неговиот подвижен покрив, кој се отвора и затвора со уникатен дизајн во форма на запченик, каков што нема на ниту еден друг стадион во САД. Дополнително, на едниот крај од арената доминира огромен стаклен ѕид, кој овозможува поглед кон градот и влез на природната светлина во внатрешноста.
На овој стадион ќе се одиграат осум натпревари од Светското првенство: Шпанија против Зеленортските Острови на 15 јуни, Чешка против Јужна Африка на 18 јуни, Шпанија против Саудиска Арабија на 21 јуни, Мароко против Хаити на 24 јуни, ДР Конго против Узбекистан на 27 јуни, како и натпревари од осминафиналето на 1 јули и 7 јули, а исто така и едно од полуфиналињата на 15 јули.
Посебна предност на стадионот е неговата ориентација кон искуството на навивачите, цените на храната и пијалаците се речиси идентични со оние надвор од арената, што е дел од филозофијата на сопственикот Артур Бланк да го направи стадионот достапен за сите посетители.
Мајами, САД
„Хард Рок стадионот“ во Мајами, Флорида, е еден од најпрепознатливите и најмногу преуредуваните стадиони во САД, и ќе биде домаќин на неколку важни натпревари од Светското првенство 2026 со капацитет од 65.000 гледачи. Отворен е во 1987 година како „Џо Роби Стадион“, во чест на основачот и сопственик на НФЛ тимот Мајами Долфинс.
Стадионот претрпе голема реконструкција која вклучуваше поставување на покрив над најголемиот дел од трибините, што му даде потрадиционален изглед и овозможи подобри услови за гледачите, особено со оглед на жешката клима во Флорида која често влијае врз натпреварите.
На овој стадион ќе се одиграат седум натпревари од Светското првенство 2026: Саудиска Арабија против Уругвај на 15 јуни, Уругвај против Зеленортските Остроци на 21 јуни, Шкотска против Бразил на 24 јуни, Колумбија против Португалија на 27 јуни, натпревар од осминафиналето на 3 јули, четвртфинале на 11 јули и мечот за трето место на 18 јули.
Покрај тоа што е домаќин на бројни меѓународни фудбалски и други спортски настани, стадионот е познат и по честите промени на името. Новото име за Мундијалот, „Мајами Стадион“, ќе биде деветтото име на стадионот.
Торонто, Канада
„БМО филд“ во Торонто, е најважниот фудбалски стадион во Канада што ќе биде дел од Светското првенство 2026. Отворен во 2007 година, а реновиран и проширен во 2016, овој стадион првично беше изграден како скромен дом со околу 20.000 седишта за потребите на Торонто во МЛС, но со текот на времето неговиот капацитет и изглед значително пораснаа.
Денес, со додадената горна трибина покрај аут-линијата, „БМО филд“ има околу 28.000 постојани седишта, а новиот покрив над голем дел од трибините му дава европски изглед. За Светското првенство ова лето, стадионот ќе добие повеќе од 17.000 нови привремени седишта, главно преку голема структура на јужната страна, веднаш под покривот поставен во 2016 година. Освен тоа, се инвестира и во нови ЛЕД видео-табли, нови клупи за екипите и современ звучен систем.
На „БМО филд“ ќе се одиграат шест натпревари од Светското првенство: Канада против Босна и Херцеговина на 12 јуни, Гана против Панама на 17 јуни, Германија против Брегот на Слоновата Коска на 20 јуни, Панама против Хрватска на 23 јуни, Сенегал против Ирак на 26 јуни и натпревар од осминафиналето на 2 јули. Стадионот, со своите нови проширувања и унапредувања, ќе понуди вистинска светска атмосфера и ќе биде гордост за канадскиот фудбал на овој историски турнир.
Од Стабиле до Мбапе: Ова е листата на најдобри стрелци на сите светски првенства
Бостон, САД
„Бостон стадионот“, познат како „Жилет стадион“ има капацитет за 65.000 гледачи. Отворен во 2002 година како замена за стариот „Фоксборо“, кој беше дел од Мундијалот 1994, овој модерен стадион се наоѓа веднаш до местото на некогашниот објект, денес претворен во паркинг.
Стадионот се одликува со неколку интересни архитектонски решенија, од кои највпечатлив е отворениот североисточен агол, каде што намерно е изоставен дел од трибините за да се создаде голем влез. Овој дизајн е желба на сопственикот на Њуингланд Патриотс, Роберт Крафт, кој е и сопственик на стадионот и вложи за да се изгради препознатливиот влез. До тој влез се наоѓа и декоративен светилник од кој се пружа панорамски поглед од 360 степени кон стадионот и трговскиот центар „Патриот плејс“, кој исто така е во сопственост на семејството Крафт.
На „Жилет стадионот“ ќе се одиграат седум натпревари од Светското првенство: Хаити против Шкотска на 14 јуни, Ирак против Норвешка на 16 јуни, Шкотска против Мароко на 19 јуни, Англија против Гана на 23 јуни, Норвешка против Франција на 26 јуни, како и натпревар од осминафиналето на 29 јуни и четвртфинале на 9 јули.
Филаделфија, САД
Стадионот во Филаделфија, е еден од најголемите и највпечатливи стадиони што ќе бидат дел од Светското првенство 2026, со капацитет од 69.000 гледачи. Отворен во 2003 година, стадионот е од типичната генерација американски арени од почетокот на новиот милениум, со масивна челична конструкција и нерамномерно распоредени трибини кои му даваат препознатлив изглед.
На северниот крај на стадионот се наоѓа челичната кула со мал кружен дел за гледачи познат како „орлово гнездо“, карактеристика што го издвојува од останатите. Во минатото, на врвот на една од трибините имаше ред турбини на ветер, но тие беа отстранети во 2019 година и не се заменети. Локацијата на стадионот е веднаш до автопатот „И-95“ и е опкружена со големи паркинзи, се наоѓа во близина на бејзбол и кошаркарската/хокеарската арена на градот, така што не е во самиот центар, но е лесно достапен преку градската железница „Септа“, која за време на натпреварите ќе нуди дополнителни услуги по стандардна цена, без наплата за патување надвор од градот по натпреварите.
На „Филаделфија стадионот“ ќе се одиграат шест натпревари од Светското првенство: Брегот на Слоновата Коска против Еквадор на 14 јуни, Бразил против Хаити на 19 јуни, Франција против Ирак на 22 јуни, Курасао против Брегот на Слоновата Коска на 25 јуни, Хрватска против Гана на 27 јуни и осминафинале на 4 јули.
Мундијалот низ историјата: Герд Милер, гол-машина во едно поинакво време
Њујорк, САД
Стадионот во Њујорк, познат како „МетЛајф“ е местото каде што ќе се одигра финалето на Светското првенство 2026, со капацитет за 82.500 гледачи и искуство во организација на најголемите спортски настани во САД, меѓу кои и Супербоулот. Стадионот е отворен во 2010 година, изграден со инвестиција од околу 1,6 милијарди долари и е заеднички дом на НФЛ тимовите Џајантс и Џетс.
Екстериерот на „МетЛајф“ е препознатлив по редовите алуминиумски летви кои ја опкружуваат фасадата, додека огромната трибина е прекината од четири големи ХД екрани. Стадионот нема покрив, освен мала тенда над дел од седиштата – компромис направен поради доцна измена на финансирањето што ја исфрли идејата за подвижен покрив од првичните планови.
Лоциран веднаш преку реката Хадсон од Њујорк, пристигнувањето и заминувањето до стадионот може да бидат вистински предизвик, особено по големи настани кога сообраќајот често е блокиран, а нема директна железничка врска од центарот на Њујорк до малата станица кај стадионот. Од позитивната страна, трговскиот центар „Американ дрим“ е поврзан со „МетЛајф“ преку пешачка патека и нуди бројни ресторани, аквапарк и затворена скијачка патека.
На стадионот ќе се играат неколку натпревари: Бразил против Мароко на 13 јуни, Франција против Сенегал на 16 јуни, Норвешка против Сенегал на 22 јуни, Еквадор против Германија на 25 јуни, Панама против Англија на 27 јуни, две елиминациски средби на 30 јуни и 5 јули, како и големото финале на 19 јули.


