Најефикасните натпревари во историјата на Mундијалите
Низ историјата на Светските првенства, фудбалот секогаш не се играл внимателно и затворено. Забележани се натпревари со девет, десет, па и 11 и 12 голови. Одбраните целосно потфрлиле, а напаѓачите биле расположени, па резултатот често се менувал на семафорот. Токму ваквите натпревари останале запаметени како најголемите голеади во историјата на Мундијалите. Понекогаш причината за несекојдневните резултати била разликата во квалитетот меѓу репрезентациите, а понекогаш играта целосно била отворена.
Препорачано
Натпревари со девет гола
Аргентина – Мексико 6-3 (1930) – Еден од највозбудливите натпревари на првото Светско првенство, Гиљермо Стабиле постигнал хет-трик на своето репрезентативно деби.
Унгарија – Јужна Кореја 9-0 (1954) – Златната генерација на Унгарија со Пушкаш и Кочиш во Цирих убедливо славела против Јужна Кореја во групната фаза.
Западна Германија – Турција 7-2 (1954) – Во истата група со Унгарија и Јужна Кореја, Западна Германија на Сеп Хербергер ја декласирала Турција
Франција – Западна Германија 6-3 (1958) – Франција го освоила третото место по голеадата во Гетебург. Жист Фонтен постигнал четири погодоци – рекорд што сè уште не е скршен.
Југославија – Заир 9-0 (1974) – Драган Џајиќ, Душан Бајевиќ и Ивица Шурјак го понижиле дебитантот од Африка.
Натпревар со десет гола
Франција – Парагвај 7-3 (1958)
Франција и Парагвај се сретнале во групната фаза на Мундијалот во Шведска 1958. Парагвај изненадил многумина со убедливата победа против фаворизираниот Уругвај во квалификациите за турнирот, со која обезбедил пласман на Мундијалот.
Франција, пак, важела за фудбалска велесила, со талентирана група играчи кои сакале да се наметнат на најголемата сцена. Главен играч на „Триколорите“ бил Жист Фонтен кој бил роден во Маракеш, Мароко, а своето име го изградил играјќи за Ница и Рен. Покрај Фонтен, во составот на Франција бил и Рејмонд Копа – крилниот напаѓач кој ја освоил Златната топка таа година.
Парагвајците први постигнале погодок, а натпреварот бил тесен во првиот дел. На задолжителната пауза резултатот бил 2-2, додека во 50. минута Јужноамериканците дури и повеле. Французите постигнале пет погодоци во последните 30 минути од натпреварот, со што победнички го започнале Мундијалот. Фонтен постигнал три погодоци против Парагвај, а 13 до крајот на првенството – најмногу во историјата на Мундијалите. Напаѓачот поради повреди не настапил на ниту едно наредно Светско првенство.
Натпревари со единаесет гола
Бразил – Полска 6-5 (1938)
Бразил ја победил Полска во најефикасниот натпревар во првите четири Светски првенства.
Ернест Вилимовски постигнал четири погодоци, но тоа не било доволно Полска да ги победи Бразилците. Леонидас постигнал хет-трик за Бразил, со што овој натпревар влегол во историјата како единствен дотогаш во кој играчи од двата тима постигнале хет-трик. Овој рекорд се повторил само уште еднаш.
Вилимовски на дваесет и едногодишна возраст станал најмладиот играч што постигнал хет-трик. Неговиот рекорд бил срушен 20 години подоцна од Пеле, кој постигнал хет-трик на 17 години.
Унгарија – Западна Германија 8-3 (1954)
Меѓу 1950 и 1956, унгарската репрезентација стекнала репутација на најсилна селекција во светот. Предводени од Ференц Пушкаш и Шандор Кочиш, Унгарците биле фаворити за освојување на Светското првенство во Швајцарија.
Во групната фаза таканаречените „Магични Маѓари“ ја декласирале Западна Германија, а Кочиш постигнал четири гола.
Западна Германија им се осветила во финалето во Берн со победа од 3-2. Унгарија до тој момент четири години немала загубено натпревар и до ден-денес никогаш не успеала да стане светски шампион.
Унгарија – Ел Салвадор 10-1 (1982)
Најголемата победа во историјата на Мундијалите. Унгарија во Елче го декласирала дебитантот Ел Салвадор и станала единствената репрезентација која постигнала двоцифрен број погодоци на мундијалски натпревар. Иако Ел Салвадор успеал да го постигне својот единствен гол на Светските првенства, тој гол останал во сенка поради унгарската голеада. Посебен белег на натпреварот оставил Ласло Киш, кој влегол од клупата и постигнал хет-трик за само седум минути и 42 секунди, што и денес претставува најбрзиот хет-трик во историјата на Мундијалите.
Сепак, оваа победа не била доволна за Унгарците да ја поминат групната фаза. Изгубиле во следниот натпревар против Аргентина, а ремизирале во последниот натпревар од групата против Белгија.
Натпревар со дванаесет погодоци
Австрија – Швајцарија 7-5 (1954)
Најефикасниот натпревар во историјата на Светските првенства се случил во Лозана, Швајцарија во 1954 година.
Дванаесет погодоци, 35.000 гледачи и 40 степени Целзиусови… четвртфиналниот натпревар помеѓу Австрија и домаќинот Швајцарија започнал со неверојатно темпо. Швајцарија експресно стекнала предност од 3-0. Роберт Баламан го отворил резултатот, а Јозеф Хиги постигнал уште два гола во почетните 20 минути. Тоа биле првите голови што Австрија ги примила на турнирот, а Швајцарија до тој момент имала постигнато само два.
Австријците постигнале пет погодоци преку Теодор Вагнер, Алфред Кернер и капитенот Ернст Оцвирк во првото полувреме. Балман успеал да ја одржи Швајцарија во игра со гол пред заминување на задолжителната пауза, но сепак Австрија имала предност.
Второто полувреме било помирно, но не и без возбудувања, Вагнер го комплетирал својот хет-трик во 53. минута, а само седум минути подоцна истото го направил и Хиги. Последниот збор го имала Австрија која преку Ерих Пробст го постигнала дванаесеттиот погодок на натпреварот за конечни 7-5.
Последниот гол бил постигнат во 76. минута, но во време кога замените не биле дозволени и поради топлото време, не е чудо зошто последните минути поминале без многу возбуда.
Еден од највпечатливите моменти на натпреварот не бил поврзан со стрелците, туку со австрискиот голман Курт Шмид. Поради екстремната жештина, тој доживеал сончаница уште во раната фаза од натпреварот и практично бил немоќен при првите три гола на Швајцарија. Шмид морал да остане на теренот, а масерот на Австрија, Јозеф Улрих, постојано му помагал и го разладувал покрај голот.
Светското првенство во Швајцарија во 1954 година останало запаметено како едно од најефикасните во историјата. Унгарија постигнала дури 27 гола на пет натпревари, а просекот од 5,38 гола по меч и денес е рекорд на Мундијалите.
Австрија подоцна била поразена со 6-1 од Западна Германија во полуфиналето, но успеала да стигне до бронзениот медал со победа од 3-1 над Уругвај. Тоа останува најголемиот успех на Австријците на Светските првенства.
Дванаесетте гола во Лозана, десетте на Унгарија против Ел Салвадор и спектаклите на Фонтен, Пушкаш и Леонидас остануваат сведоштво дека Светските првенства понекогаш знаеле да понудат фудбал без калкулации. Токму затоа овие натпревари не се паметат само по резултатот, туку и се симбол на една поинаква ера во која головите биле главните ѕвезди на Мундијалот. Се надеваме дека и Мундијалот во Сад, Мексико и Канада ќе ни понуди натпревар кој ќе се на најде во оваа категорија заедно со најголемите голеади досега.


