Канје Вест / Фото: Profimedia

На пет години покажал талент, на 20 напуштил факултет — животната приказна на Канје Вест

Без разлика дали е величен како музички гениј од страна на илјадниците обожаватели ширум светот или критикуван поради бројните контроверзии, едно е неспорно – Канје Вест е една од највлијателните личности во современата поп-култура.

Денес американскиот рапер, продуцент, дизајнер и претприемач го прославува својот 49. роденден, а ние по тој повод ќе направиме еден мал времеплов низ неговиот живот и музичка кариера.

Детето од Чикаго

Канје Омари Вест е роден на 8 јуни 1977 година во Атланта, но по разводот на неговите родители се преселил во Чикаго, градот што подоцна ќе стане неразделен дел од неговиот идентитет. Го воспитувала неговата мајка Донда Вест, професорка по англиски јазик, која одиграла клучна улога во неговото образование и развој.

Уште како дете покажувал интерес за уметноста – пишувал поезија од петгодишна возраст, а првите рап стихови ги создал додека бил во основно училиште. Дел од детството поминал и во Кина, каде што неговата мајка предавала на универзитет.

Канје Вест во еден од своите училшни алманаси / Фото: Profimedia

По завршувањето на средното образование добил стипендија за студии, но на дваесетгодишна возраст одлучил да го напушти факултетот и целосно да се посвети на музиката. Токму таа одлука подоцна ќе стане инспирација за неговиот дебитантски албум „The College Dropout“, проект што го претвори од перспективен продуцент во нова ѕвезда на хип-хоп сцената.

Пред да стане познат како изведувач, Вест веќе бил ценет како продуцент. Работел со некои од најголемите имиња во индустријата, меѓу кои и Џеј-Зи, а неговиот препознатлив стил на продукција му донел голем углед во музичките кругови. Сепак, патот до сопствена кариера не бил лесен. Многу издавачки куќи одбивале да му дадат шанса како рапер, сметајќи дека не се вклопува во тогаш доминантниот имиџ на хип-хоп сцената.

Канје и Донда Вест / Фото: Profimedia

Музички визионер

Пресвртниот момент дошол во 2002 година, кога доживеал тешка сообраќајна несреќа во која му била скршена вилицата. Само неколку недели подоцна ја снимил песната „Through the Wire“, додека сè уште закрепнувал од повредите.

Во следните години Канје Вест создаде низа албуми, кои се значајни дела кога станува збор за современата музика. „Late Registration“, „Graduation“, „808s & Heartbreak“, „My Beautiful Dark Twisted Fantasy“, „Yeezus“ и „The Life of Pablo“ се само дел од проектите што го потврдија неговиот статус на еден од најиновативните музичари на својата генерација. До денес има освоено 24 награди Греми и продадено повеќе од 160 милиони носачи на звук ширум светот.

Паралелно со музиката, Вест изгради и успешна кариера во модната индустрија. Брендот „Јизи“ прерасна во глобален феномен, а соработките со компании како „Најк“, „Луј Витон“, „Адидас“ и „Гап“ му донесоа огромно влијание и надвор од музичкиот свет. Во еден период неговото богатство беше проценувано на околу 1,8 милијарди долари.

Во приватниот живот најголемо внимание привлече неговиот брак со Ким Кардашијан, со која има четири деца. По разводот во 2022 година, неговиот љубовен живот повторно беше во фокусот на јавноста, особено по врската со архитектката Бјанка Ценсори.

Канје Вест и Ким Кардашијан
Канје Вест и Ким Кардашијан на доделувањето на наградите Греми во 2015 година / Фото: Armando Arorizo / Zuma Press / Profimedia

Контроверзните моменти

Но, неговата кариера никогаш не била лишена од турбуленции. Смртта на неговата мајка Донда во 2007 година остави длабока трага врз него, а во следните години честопати бил во центарот на вниманието поради своите јавни настапи, конфликти и изјави.

Еден од најпознатите моменти е инцидентот на Ем-ти-ви наградите во 2009 година, кога се качи на сцената за време на говорот на Тејлор Свифт.

Најголемите реакции, сепак, ги предизвика во периодот од 2022 година наваму. Неговите антисемитски изјави и објави на социјалните мрежи доведоа до жестоки осуди ширум светот, а голем број компании ја прекинаа соработката со него. Меѓу нив беа и некои од неговите најважни деловни партнери, вклучувајќи го и „Адидас“, со кој со години успешно го градеше брендот „Јизи“.

Контроверзиите продолжија и во наредните години, кога Вест предизвика нови реакции со песната „Heil Hitler“, продажба на маици со свастика и серија провокативни јавни настапи. Поради тоа беше блокиран на дел од платформите, а неколку негови концерти и фестивалски настапи беа откажани. Во 2026 година јавно се извини за своето однесување, наведувајќи дека жали за болката што ја предизвикал со своите постапки.

Канје Вест / Фото: BACKGRID / Backgrid UK / Profimedia

Иако „откажан“, и денес распродава стадиони

Последните години беа обележани со сериозни контроверзии поради неговите јавни изјави, што доведе до прекин на соработките со неколку големи компании и значително нарушување на неговиот јавен имиџ.

Сепак, Канје Вест и ден-денес е една од најголемите концертни атракции на планетата. Само неколку дена пред својот 49. роденден настапи пред речиси 40.000 луѓе на стадионот „Гелредом“ во холандскиот Арнем, што беше негов прв голем концерт во Западна Европа по повеќе од една деценија. Иако пред арената се одржаа протести поради неговите претходни антисемитски изјави и постапки, внатре атмосферата беше еуфорична, а публиката ги пееше неговите најголеми хитови од почеток до крај.

Турнејата продолжува со концерти во Грузија, Албанија, Шпанија, Португалија и САД, а дел од настапите веќе се распродадени. Само неколку месеци претходно Вест одржа и два големи концерта на стадионот „СоФај“ во Лос Анџелес, кои донесоа околу 33 милиони долари приходи од продажба на билети.

Канје Вест ќе одржи концерт во Албанија, Еди Рама ја потврди веста

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот