Отворена нова трпезарија за бездомниците во Момин поток

Во рамките на Пунктот и Прифатилиштето за  бездомни лица, денеска во Момин поток се пушта во употреба комплетно опремена новa просторија, што ќе се користи како трпезарија.

– Трпезаријата зафаќа простор од 200 метри квадратни и истата ќе можат да ја користат 40 бездомни лица. Градот Скопјe за оваа намена од Буџетот издвои 1.5 милиони денари. Прифатилиштето е опремено сo кревети, тоалети, чајна кујна и други неопходни средства за функционирање на Пунктот со што ќе може целосно да одговори на потребите на овие лица. Сместувачкиот капацитет на Прифатилиштето минатата година беше зголемен од 16 на 32 кревети – изјави Шилегов.

Во текот на работната недела, пунктот е отворен во понеделниците кога бездомниците добиваат хигиенски услуги и секој петок кога добиваат и чисти алишта, лекарски преглед и неопходни лекарства, разговор и совети од психолог, оброк и топол напиток.

– Пунктот и прифатилиштето им стојат на располагање на оние наши сограѓани кои различните животни околности и сиромаштијата ги довеле до перманентно отсуство на дом и услови за ноќевање. Отсуството на социјална поддршка од блиски роднини и пријатели, недоволната исхрана, облека и недостигот на грижата за себе, уште повеќе ја влошува нивната здравствена состојба и ги изложува на други многубројни ризици – рече Шилегов.

Тој додаде дека Градот во Црвениот крст на град Скопје го препознава вистинскиот партнер за решавање на ова прашање.

Пунктот за бездомници на Црвен крст на град Скопје е отворен во 2008 година, а Градот во континуитет финансиски го поддржува функционирањето на прифатилиштето и заедно со Црвениот крст на град Скопје ги следи и излегува во пресрет на потребите на бездомните лица во нашиот град.

– Скопје е град за сите и затоа ќе продолжиме и понатаму да водиме грижа со цел на овие лица да им обезбедиме достоинствени услови за живот согласно со нивните основни потреби и можностите кои во рамките на оваа институција ги имаме на располагање – порача Шилегов.

Секретарот на Црвениот крст на град Скопје, Сузана Тунева-Пауновска истакна дека поддршката на Градот Скопје е многу значајна, бидејќи помошта која ја дава им го олеснуваат животот на бездомните лица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот