Откажани летови и возови во Букурешт – аеродромот е затрупан од снег
Обилниот снег на Меѓународниот аеродром „Анри Коанда“ во Букурешт предизвика сериозни нарушувања во авионскиот сообраќај на повеќе линии, со откажувања и пренасочувања на домашни и на меѓународни летови, објави „Травел вајрс“.
Препорачано
Аеродромските власти соопштија дека зимските временски услови, вклучително и наталожен снег и намалена видливост, влијаеле врз функционирањето на пистите, поради што имало доцнења додека екипите ги расчистуваат површините и обезбедуваат безбедно движење на авионите.
Дел од летовите, што биле на пат кон Букурешт, биле пренасочени кон алтернативни аеродроми, додека, пак, други биле целосно откажани од безбедносни причини.
Авиокомпаниите, што оперираат на аеродромот во Отопени, во текот на денот го прилагодувале распоредот, ги известувале засегнатите патници и нуделе повторни резервации или поврат на средства, каде што е применливо.
Патниците се повикани пред поаѓање да го проверат статусот на своите летови бидејќи времињата на поаѓање и пристигнување може и понатаму да се менуваат.
ВИДЕО | Обилниот снег ја парализира Србија: паѓаат дрвја, има судири, камиони се заглавени
„Безбедноста останува апсолутен приоритет“
Тимовите за копнен сервис и чистење снег работат непрекинато за да се воспостави нормално функционирање, а зимските услови се очекува да продолжат и во вечерните часови. Раководството на аеродромот соопшти дека е свесно за непријатностите, но дека безбедноста останува апсолутен приоритет.
На патниците што патуваат од или кон Букурешт им се препорачува да бидат во постојан контакт со својата авиокомпанија, да пристигнат порано на аеродромот и да се подготват за можни доцнења поради променливите временски услови.
Откажани се над 20 патнички возови
Државниот железнички превозник „ЦФР Калатори“, исто така, откажа над 20 патнички возови поради силниот снег и виулици што предизвикаа сериозни нарушувања во железничкиот сообраќај низ повеќе делови од земјата, пренесе „Романија инсајдер“.
Дел од линиите што тргнуваат од Букурешт доцнеа и по неколку часа, а утринава беше целосно прекинат сообраќајот меѓу Плоешти и Букурешт поради паднати дрвја што ја оштетиле електричната мрежа над пругата. Меѓу откажаните релации се и повеќе регионални правци, додека одредени делници беа привремено затворени за да се расчистат пругите.


