Општина Аеродром сега вели дека за „Зимзоленд“ инспекциите постапуваат „посветено и професионално“
Откако претходно тврдеше сосема поинаку, Општина Аеродром денеска соопшти дека „инспекциските служби професионално и посветено постапуваат во забавниот парк „Зимзоленд“, во рамките на своите надлежности“, како и дека инспекциската постапка започнала уште од 28 ноември (денот кога се отвори манифестацијата во Лисиче).
Препорачано
Во моментов, велат од општината, „се разгледуваат сите факти и околности што се однесуваат исклучиво на одобрението за поставување урбана опрема“.
Како што вчера објави „Телма“, Општина Аеродром тврдеше дека „Зимзоленд“ ќе се отстранува поради констатирани неправилности, а Пазарниот инспекторат и Агенцијата за храна и ветеринарство објавија дека исто така откриле дека на „Зимзоленд“ се работело надвор од законот и прописите и дека изрекле казни.
Од Аеродром сега тврдат дека постапката не е завршена и дека откако ќе заврши „ќе бидат преземени соодветни мерки според законските основи, доколку се утврди потребата за тоа“.
Вчера и скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски соопшти дека во рамките на акција за „воведување ред“, инспектори на Град Скопје исто така влегле во „Зимзоленд“ и констатирале дека Градот немал издадено дозвола за вршење дејност.
Наспроти сето ова, организаторите вчера се огласија со соопштение преку социјалните мрежи, во кои најавија дека „Зимзоленд“ продолжува да работи нормално, а дека на надлежните институции им била доставена потребната документација.


