Орце Ѓорѓиевски / Фото: Слободан Ѓуриќ / Слободен печат

Откако дозволи „Зимзоленд“ две недели да работи на диво, Ѓорѓиевски вели дека тој воведувал ред

„Инспектори во координација со Државен пазарен инспекторат (ДПИ) и Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска спровеле акции на улица „Пластичарска“, како и на „Зимзоленд“, каде било утврдено дека Град Скопје нема дадено дозвола за таму да се врши дејност“, напиша вечерва на „Фејсбук“ скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски вели дека Град Скопје заедно со Инспекторатот и во координација со ДПИ и МВР, спровел „широка акција“ со единствена цел: „да се врати редот и достоинството на јавниот простор на целата територија на градот“.

Град Скопје и тој како градоначалник ќе продолжат „бескомпромисно да се борат против секоја неправилност, секој обид за узурпација и секој хаос кој го загрозува јавниот простор“, пишува Ѓорѓиевски. Во објавата нема информација за тоа дали градоначалникот или некој од Град Скопје планира да понесе одговорност за речиси двонеделното работење на диво на забавниот парк „Зимзоленд“ во Лисиче.

Паркот, низ кој поминаа илјадници луѓе од 30 ноември, беше најавено дека ќе се затвори откако Општина Аеродром соопшти дека немал никакви документи, а инспекторите од повеќе државни институции открија серија пропусти и изрекоа казни. Ѓорѓиевски во објавата на „Фејсбук“ сега вели дека Град Скопје ѝ наложил на Општина Аеродром нејзиниот градежен инспектор за постапи согласно законските прописи.

– Како што најавив, така и постапуваме. Нема отстапки, нема компромиси со хаосот. Ги отстрануваме сите појави кои го узурпираат просторот што им припаѓа на скопјани, го попречуваат движењето и го нарушуваат јавниот ред. Скопје мора да биде град во кој владеат правила, а не самоволието. Вработените од ЈП „Градски паркинг“ ги отстрануваа неправилно паркираните возила долж улицата „Пластичарска“. По пријави од граѓани, постапивме и на „Зимзоленд“. Инспекторатот беше на локацијата и утврди дека Градот Скопје нема дадено дозвола за таму да се врши дејност. Констатирани се повеќе неправилности, особено во однос на вршење дејност надвор од објект. Дополнително, за реквизитите и забавните содржини кои не се дел од програмата на Општина Аеродром, наложено е градежниот инспектор од општината да постапи согласно законските регулативи, напиша Ѓорѓиевски.

„Овој град заслужува ред, а скопјани заслужуваат достоинствено, безбедно и уредено место за живеење. Редот е обврска. И ние ја исполнуваме“, додаде тој.

Почна манифестацијата „Зимзоленд“, а со неа и паркинг-кошмарите на лисичани

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот