Одложено Отвореното национално првенство, АМС ќе ги средува состојбите во пливањето

фото: фејсбук

Отвореното национално првенство во пливање кое требаше да се одржи од 12-14 февруари (петок-недела) е одложено поради пандемијата на коронавирусот и новиот британски сој кој се појави во Македонија.

Првенството требаше да го организира Пливачката федерација на Македонија (ПФСМ) но по денешната средба која претседателот на ПФСМ, Александар Маленко ја имаше со директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски, тоа е одложено.

Поради здравствените протоколи во Македонија и во координација со АМС и на нивна препорака, Отвореното национално првенство е одложено. Новиот датум ќе биде одреден во согласност со АМС – вели Александар Маленко, претседател на ПФСМ.

Директорот на АМС, Наумче Мојсовски вели дека препораките на здравствената комисија мора да се почитуваат иако се обиделе да се изнајде начин, да се одржи првенството.
– Разговарав со претставнците на комисијата да дозволат или да се најде начин како да се одржуваат спортски настани во сала, но заклучокот беше дека со појавата на новиот сој на коронавирусот, тоа е неизводливо – вели Мојсовски.

Наумче Мојсовски/фото: АМС

Мојсовски исто така планира да стави крај на проблемите во пливањето во Македонија, односно постоењето на повеќе пливачки федерации. Пливачката федерација на Македонија (ПФСМ) е меѓународно призната во ЛЕН и во ФИНА, односно во Европската и во Светската пливачка федерација, а нејзиниот претседател Александар Маленко минатата година беше избран за член на комитетот на ЛЕН за пливање на отворено на 10 километри и неговиот мандат изнесува четири години.

Од друга страна, претседател на Националната пливачка федерација е Александар Филипчев, чиј „адут“ е дека НПФ е признаена од Централниот регистер на Македонија.
Директорот на АМС, Наумче Мојсовски смета дека мора да се разрешат проблемите околу пливањето бидејќи приоритет се пливачите кои не смеат да трпат. Според него, потребно е да се одржи првенство на кое ќе учествуваат сите пливачки клубови во Македонија кои потоа би добиле право на глас при изборот на претседател на единствена пливачка федерација.

Јас како директор на институција која ги спроведува одредбите од Законот за спорт се нафатив да ги решиме состојбите во пливање: Веќе имав состанок на оваа тема и сметам дека и најважно децатаа да пливаат. Наредната недела планирам да ги соберам сите клубови и да разговарам и со нив. Планираме да се организира национално првенство согласно меѓународните критериуми и на кое ќе учествуваат сите клубови, без разлика од која Федерација доаѓаат. Целта е тие клубови кои  ќе пријават одреден број на пливачи да имаат право на глас и клубовите да изберат претседател на Пливачка федерација – смета Мојсовски.
– Можеби ова првенство што требаше да се одржи претстојниот викенд ќе беше идеално за такво нешто, но за жал здравствената состоба во Македонија не дозволува такво нешто. Се надевам дека истото ќе се случи во најбрзо време, по што потоа би требало да се разрешат и состојбите во пливањето – додава Мојсовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот