Нова судска одлука во случајот на Северина — по 12 години доби старателство над синот
По долгогодишната правна битка меѓу хрватската пејачка Северина Вучковиќ и српскиот бизнисмен Милан Поповиќ, пристигна нов пресврт во спорот за старателството над нивниот син Александар.
Препорачано
Општинскиот граѓански суд во Загреб донесе неправосилна пресуда според која 14-годишниот Александар отсега ќе живее со мајката, додека средбите и односите со таткото ќе бидат уредени со судска одлука. Информацијата ја потврди адвокатката на Северина, Јасминка Билош.
Поради чувствителноста на случајот, таа не откриваше дополнителни детали, но потврди дека момчето ќе живее со мајката и ќе има обврска за редовни средби со таткото.
Спорот меѓу Северина и Милан Поповиќ трае уште од 2013 година, по нивното раскинување, и со години важи за еден од најекспонираните семејни судски процеси во регионот.
Првата судска одлука беше донесена во 2014 година, кога судот одлучи Александар да живее со мајката, а таткото да има право на средби и дружење со детето.
Голем пресврт се случи во 2019 година, кога судот донесе одлука детето да живее со таткото, додека Северина доби проширени контакти со синот. Подоцна, во 2021 година, Жупанискиот суд во Сплит ја преиначи таа одлука и воведе заедничко родителско старателство, според кое детето требаше наизменично да живее кај двајцата родители.
Нов пресврт следуваше на почетокот на 2024 година, кога Врховниот суд на Хрватска ја укина одлуката на судот во Сплит и предметот го врати на повторно одлучување. Судот тогаш оцени дека судските вештаци не биле правилно сослушани, што било оценето како сериозна повреда на постапката.
Случајот со години предизвикува големо внимание во јавноста, но и бројни дебати за работата на хрватското правосудство во семејните спорови, особено кога станува збор за долги судски постапки и заштита на приватноста на малолетниците.
Во текот на спорот, и Северина и Милан Поповиќ повеќепати јавно изнесуваа меѓусебни обвинувања, како и критики кон институциите вклучени во постапката.


