Нов споменик ќе никне во Скопје – првиот градоначалник Јосиф Михајловиќ-Јурукоски ќе добие спомен-обележје од 16.000 евра
Едно име што длабоко е втиснато во урбаната историја на Скопје ќе добие своја физичка трага во јавниот простор. Во 2026 година, Град Скопје планира да постави спомен-обележје на Јосиф Михајловиќ-Јурукоски – човекот што со децении наназад се споменува како темелоположник на модерното Скопје. За таа намена, во програмата за култура е издвоен износ од еден милион денари, пренесе СДК.
Препорачано
Од Градот велат дека станува збор за исправување на долгогодишен пропуст.
„Сметавме дека оваа личност, татко на модерното Скопје, заслужува едно такво обележје во главниот град. Во програмата се обезбедени пари за оваа намена“, изјави Тања Балаќ, раководителка на Секторот за јавни дејности во Град Скопје.
Јосиф Михајловиќ е роден на 28 мај 1887 година во селото Тресонче, во семејство со силна градителска традиција – ѕидари и зографи. Образованието го продолжил во Белград, каде во 1910 година дипломирал на архитектонскиот отсек при Високата техничка школа. Веќе следната година бил ангажиран во тимот што ги проектирал зградите на Српската академија на науките и уметностите и градската палата во Белград.
Неговиот професионален пат потоа го однел преку океанот. Во Соединетите Американски Држави престојувал до крајот на Првата светска војна, каде што се стекнал со титула инженер-архитект и се запознал со американските политички и урбанистички концепти. По враќањето во Европа, ја продолжил едукацијата на Институтот за урбанизам при Универзитетот Сорбона во Париз, а потоа и на повисока специјализација во Лондон.
Во меѓувреме бил коосновач на белградската фирма „Феникс“ и учествувал во значајни инфраструктурни проекти, меѓу кои изградбата на железничките линии Ужице–Сараево и Велес–Прилеп.
Во 1929 година бил назначен за претседател на скопската општина, односно градоначалник на Скопје, функција што ја извршувал до 1936 година. По краток прекин, повторно се вратил на истата позиција и останал на неа сè до својата смрт. Со мали прекини, неговиот мандат траел речиси една деценија.


