Никола Ѓоргиев: Без разлика дали ќе играм или не, имаме шанси да победиме против Чешка

фото: Драган Митрески/Слободен печат

Дури и без повредениот Никола Ѓоргиев, македонските одбојкари имаа добри моменти со Холандија, но загубија со 3:0 (25:19, 25:19, 25:16) во четвртиот настап на ЕП 2023 во Скопје.

Без разлика на резултат, со триумф над Чешка утре од 20.00 часот, ќе ја избегнеме Италија во осминафиналето во Бари. Одбојкарската федерација на Македонија уште еднаш ги повикува навивачите да дојдат во СЦ „Борис Трајковски“ во што поголем број да ја дадат поддршката и се направи уште еден настан за паметење.

Дневните карти за Европското првенство во одбојка по цена од 500 и 750 денари се достапни ширум продажната мрежа на „МкТикетс“.

Еден од нашите најдобри одбојкари Никола Ѓоргиев рече дека беше тажен после толку напор, одрекувања и дисциплина, и ова што сега му се случи непосредно пред дуелот со Холанѓаните.

– Никогаш во мојата кариера ова не ми се случило, после ручекот отидов во собата и таму останав. Беше многу лошо, имав желба да играм, пробав со истегнување, но препораките од медицинскиот тим беа дека треба да одморам. Сега се чувствувам подобро, болката и натаму е присутна, не знам за што се работи, првите прегледи покажаа дека е мускулот. Сега чекаме да помине дејството на лековите, па се надевам дека во среда состојбата ќе биде подобра.

Навистина сум тажен и разочаран бидејќи сето тоа ми се случи на само два часа пред натпреварот. Се надевам дека со инјекции ќе биде изводливо, јас навистина живеам за овие натпревари, мојот сон е да се избегне Италија во осминафиналето. Момците одиграа добро против Холандија, покажаа дека се во добра форма. Утре имаме шанса за победа против Чешка, без разлика дали јас ќе бидам на теренот или не. Ќе направам сè за да бидам во составот, ја повикувам публиката да ни ја даде поддршката на последниот меч во Скопје пред патувањето за Бари. Овие момци го заслужуваат тоа – изјави Ѓоргиев за „МРТ“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот