Ѓоревски: МЗТ има обврска да ја претставува Македонија на европската сцена
МЗТ Скопје по цели 25 години повторно ќе заигра во европските клупски натпреварувања под покровителство на ФИБА. „Металците“ оваа сезона ќе бидат дел од Еврокупот, што е еден од најголемите чекори на клубот во поновата историја и јасен сигнал дека амбициите се враќање на европската кошаркарска сцена.
Препорачано
Извршниот директор на клубот, Филип Ѓоревски, во разговор за официјалниот сајт на МЗТ откри дека настапот во Европа бил една од главните цели уште од неговото доаѓање во Аеродром. Според него, клубот конечно ги создал потребните услови повторно да се соочи со квалитетни европски противници.
„Играњето во Европа ми беше желба уште од првиот ден кога дојдов во клубот. Летово конечно се поклопија сите услови за да го реализираме тој план и решивме да го прошириме нашиот видик со настап во ФИБА Еврокупот. МЗТ Скопје, како најтрофеен и најдоминантен македонски кошаркарски клуб во последните две децении, има обврска да ја претставува Македонија и на европската сцена“, вели Ѓоревски.
Тој додава дека домашните трофеи остануваат главната цел на клубот, но истовремено посочува дека настапот во Европа треба да ја врати старата атмосфера во салата „Јане Сандански“, кога Аеродром беше домаќин на големи европски екипи.
„Освојувањето на домашните трофеи секогаш ќе биде наш примарен приоритет, но истовремено сакаме повторно да ја вратиме атмосферата која некогаш владееше во „Јане Сандански“, кога во Аеродром гостуваа европски клубови како Реал Мадрид, Улм, Порто или Бенфика. Верувам дека ова ќе биде дополнителен мотив за нашите навивачи, симпатизери, но и за сите љубители на кошарката да дојдат во салата и да ни помогнат да оствариме што подобар резултат.“
Целото интервју на Ѓоревски можете да го прочитате – ТУКА.


