Научници: Денешната марихуана е посилна и предизвикува поголема зависност – не ја ублажува анксиозноста ниту другите ментални нарушувања
Користењето медицинска или рекреативна марихуана за ублажување на симптомите на голем број ментални нарушувања не дејствува, покажале две нови научни анализи на постојните истражувања, пишува Си-ен-ен.
Препорачано
Медицинската марихуана вклучува производи што содржат канабидиол (CBD) и делта-9-тетрахидроканабинол (THC), делот од растението што предизвикува еуфорија.
– Не пронајдовме докази дека која било форма на канабис е ефикасна во лекувањето на анксиозност, депресија или посттрауматско стресно нарушување, што се трите главни причини зошто се препишува канабис – рекол Џек Вилсон, истражувач во Центарот за истражување на менталното здравје и употреба на супстанции „Матилда“ на Универзитетот во Сиднеј, пренесе Си-ен-ен.
Вилсон е главен автор на една од студиите објавени во понеделникот во списанието „Лансет психијатрија“, во која се анализирани резултатите од 54 контролирани испитувања спроведени помеѓу 1980 и 2025 година.
– Лековите базирани на канабис што се користеа во овие студии беа претежно орални препарати, како што се капсули, спрејови или масла. Во реалниот живот, најчестиот начин на кој луѓето го користат канабисот е со пушење, а за тоа постојат уште помалку докази за ефикасноста за менталното здравје – рекол тој.
Употребата на марихуана, исто така, не ги подобрила другите ментални состојби како што се анорексија, нервоза, биполарни нарушувања, опсесивно-компулсивно нарушување (ОКП) или психотични нарушувања како шизофренија, додал Вилсон.
Студиите за марихуана често се мали и тешки за спроведување, велат експертите. Сепак, контролираните испитувања вклучени во анализата на „Лансет“ се сметаат за златен стандард во истражувањето, рекол д-р Дипек Сирил Д’Соуза, професор по психијатрија на Јејл и директор на Центарот за наука за канабис и канабиноиди во Њу Хејвен, Конектикат.
Д’Соуза, кој не бил вклучен во таа студија, е главен автор на неодамнешен труд во магазинот JAMA кој, исто така, ја истражувал ефикасноста на природните и синтетичките форми на CBD и THC врз менталните состојби.
– Овие два труда јасно покажуваат дека нема докази за да се препорача употреба на канабис или негови деривати за лекување на ментални нарушувања. Сепак, речиси секоја држава во САД одобрува медицинска марихуана за менталните состојби – рекол Д’Соуза.
Иако постојат малку докази за користа, употребата на медицинска и рекреативна марихуана за ментално здравје расте, велат експертите. Околу 27 отсто од луѓето на возраст од 16 до 65 години во САД и Канада користеле марихуана за медицински цели, при што „околу половина го прават тоа за управување со менталното здравје“, рекол Вилсон.
– И покрај недостатокот на докази за ефикасноста, лекарите продолжуваат да препишуваат медицинска марихуана за лекување на ментални нарушувања. Покрај тоа, индустријата за канабис има врски со некои од овие студии, што претставува конфликт на интереси што може да влијае на наодите – додал тој.
Редовната употреба на силна марихуана може да биде опасна, особено за најранливите, предупредуваат експертите. Употребата за време на бременост, адолесценција и рана зрелост може да влијае на развојот на мозокот. Интензивната употреба кај тинејџери и млади возрасни со нарушувања на расположението, како што се депресија и биполарно нарушување, е поврзана со зголемен ризик од самоповредување, обиди за самоубиство и смрт.
Кај луѓето со висок ризик од биполарно или психотично нарушување, како што се оние со семејна историја, студиите покажуваат дека употребата на марихуана го зголемува ризикот од развој на психотично или ментално нарушување. Употребата по појавата на проблемот со менталното здравје може да ја влоши когнитивната функција и да ја зголеми веројатноста за рецидив.
– Иако можеби постојат илјадници, ако не и милиони, луѓе кои повремено користат канабис во мали количини и немаат лоши последици, ние знаеме и за луѓе кои го користеле неколкупати и доживеале сериозни несакани ефекти кои трајно го промениле текот на нивниот живот – рекол Д’Соуза.
– Ако секојдневно користите канабис со висок потенцијал, на пример, може да имате до шест пати поголем ризик од развој на психотично нарупшување како шизофренија или биполарно нарушување во споредба со некој што никогаш не користел канабис – додал тој.
Еден од проблемите е и тоа што нивото на THC во денешната марихуана нагло порасна – од околу 4 отсто во 1970-тите до просечни 18 отсто до 20 отсто денес, рекол Д’Соуза.
– Денес можете да купите канабис со 35 отсто THC во продавниците. Концентратите од марихуана, слични на никотинските концентрати, имаат до 80 процентен THC. Тоа е околу 20 пати повеќе од канабисот од шеесеттите и седумдесеттите години – рекол тој.
Марихуаната со висока потентност придонесува и за зголемување на зависноста. Во САД, околу 3 од 10 корисници на марихуана имаат нарушување на употребата на канабис, медицински назив за зависност, според Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ).
Нарушувањето на употребата на канабис е поврзано со зависноста – луѓето се сметаат за зависни кога, по откажувањето, чувствуваат желба за супстанцијата, губење на апетит, раздразливост, немир, како и проблеми со расположението и сонот, наведува Националниот институт за злоупотреба на дроги.


