Наковски: Здравствената состојба кај играчите е добра, Лука Костиќ има мала повреда
На 10 дена до стартот на Европската златна лига, селекторот Хари Наковски ги решава првите дилеми за играта на македонската машка сениорска одбојкарска репрезентација во новиот циклус чијашто крајна цел е пласман на Европското првенство 2026.
Препорачано
Нашите најдобри одбојкари ќе тренираат во Струмица до 8 мај кога ќе отпатуваат на пријателски натпревари против Романија.
Потоа ќе се вратат во салата „Парк“ и ќе тренираат до почетокот на Европската златна лига на 17 мај, со првиот турнир на кој ќе им бидеме домаќини на Чешка и на Естонија. Следните два се во Белгија и во Хрватска.
Во август се два од четирите натпревари во квалификациите за ЕП 2026. Акцентот ќе биде ставен токму на нив, затоа што преку Грузија и Грција, Македонија бара шанса за четврти континентален собир по ред.
– После неколку завршени тренинзи, и почетната проверка на играчите, можам да кажам дека сме на некое задоволително ниво, во добра форма, и полека почнуваме со воигрување на поставата и подготовката за натпреварите кои следуваат. Моментално здравствената состојба кај одбојкарите е добра, освен кај Лука Костиќ кој има мала повреда, но се надеваме со текот на денешниот ден и тој ќе биде во стројот на тренинзи. Во четврток одиме за Романија на двомеч против тамошната репрезентација и полека да ја подигнеме формата за почетокот на првиот турнир од Европската златна лига во Македонија – вели Наковски.


