Над 150 Палестинци биле држени пола ден во авион во Јужна Африка – децата плачеле од жештина
Палестинската амбасада во Јужна Африка соопшти дека патувањето на Палестинците „било организирано од измамничка организација која ги искористила трагичните хуманитарни услови на народот во Газа, ги измамила семејствата, собирала пари од нив и го организирала патувањето на нередовен и неодговорен начин“.
Јужноафриканската Република ќе ја испитува мистериозната појава на десетици Палестинци кои биле задржани во авион на аеродромот во Јоханесбург 12 часа од страна на граничната полиција бидејќи немале патни документи, изјави претседателот на земјата, објави „Гардијан“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Група од 153 Палестинци пристигнала на меѓународниот аеродром ОР Тамбо во Јоханесбург со чартер-лет на „Глобал ервејс“ од Кенија во четвртокот, без излезни печати, повратни билети или детали за сместување, според граничните власти.
Тие соопштија дека ниеден од Палестинците не поднел барање за азил, поради што првично им бил одбиен влезот. Свештеник, кој бил пуштен да ги види патниците додека биле заглавени во авионот, изјави дека внатре било исклучително жешко и дека децата викале и плачеле.
Хамас воведува даноци и диктира цени на храната за да ја зацврсти моќта во Газа
Хуманитарна организација интервенирала за да понуди сместување и поддршка, по што властите одобриле влез за 130 членови од групата со стандардно 90-дневно визно ослободување, додека, пак, другите 23 патници веќе отпатувале кон други дестинации. Не е јасно од каде потекнувало нивното патување.
Палестинците во Газа под израелска блокада или на окупираниот Западен Брег тешко можат да патуваат во странство.
Свештеникот кој бил пуштен во авионот рекол дека внатрешноста била „неподносливо жешка“.
„Имаше многу деца што се потеа, викаа и плачеа. Ова се луѓе од Газа кои некако мистериозно биле ставени во авион што поминал низ Најроби и дошол тука,“ рече претседателот на Јужноафриканската Република, Сирил Рамафоса, во петокот.
Тој додаде дека групата била примена во земјата „од сочувство“, но дека „деталите за нивната состојба и од каде патувале ќе бидат истражени“.
Ова е втор авион со Палестинци што слетува во Јужна Африка
Деталите за тоа како групата ја напуштила Газа сè уште се нејасни, но фондацијата „Гифт ов гиверс“, локална непрофитна организација за одговор при кризи, соопшти дека ова е втор авион со Палестинци што слетал во Јужна Африка во последните две недели.
„Палестинците немале поим каде ги носат; дури во Кенија сфатиле дека доаѓаат во Јужна Африка. Некои имале визи за Канада, Австралија и за Малезија, и на крајот им беше дозволено да заминат за тие земји,“ изјави претседателот и основач на фондацијата, Имтиаз Сулиман.
„Измамничка организација ги искористи трагичните услови во Газа“
Палестинската амбасада во Јужна Африка соопшти дека патувањето на двете групи „било организирано од нерегистрирана и измамничка организација која ги искористила трагичните хуманитарни услови на нашиот народ во Газа, ги измамила семејствата, собирала пари од нив и го организирала патувањето на нередовен и неодговорен начин“.
Случајот повторно ја отвори дебатата за ставот на Јужноафриканската Република кон војната во Газа. Земјата, која ја има најголемата еврејска заедница во подсахарска Африка, најчесто ја поддржува палестинската кауза и остро ја критикува израелската војна против Хамас.
Владата во 2023 година поднесе тужба против Израел пред Меѓународниот суд на правдата, обвинувајќи го за геноцид врз Палестинците. Граѓански организации, инспирирани од антиапартхејд наследството на земјата, активно организираат кампањи за солидарност, бојкоти и за хуманитарна помош.
Долгото задржување на авионската писта доведе некои Јужноафриканци да ја обвинуваат владата дека бавно реагирала на својата прокламирана поддршка. Други, пак, се загрижени поради недостатокот на информации за летовите, сметајќи го тоа за ризик по националната безбедност.
УНИЦЕФ: Израел го блокира влезот на инјекции и храна за бебиња во Газа


