Русија знаме / Фото EPA-EFE/CLEMENS BILAN

Русија предлага своја резолуција во ОН за Газа

Русија предложи своја нацрт-резолуција на Обединетите нации за Газа, објави Ројтерс, предизвикувајќи ги напорите на САД да го протуркаат својот текст во Советот за безбедност што би ја поддржал мировната иницијатива на американскиот претседател Доналд Трамп за Газа.

САД официјално ја дистрибуираа нацрт-резолуцијата до членовите на Советот минатата недела и изјавија дека имаат регионална поддршка за својот предлог, кој би одобрил двегодишен мандат за преодно управно тело и меѓународна стабилизациска мисија.

Руската мисија во ОН во текст испратен до членовите на Советот за безбедност вчера попладне, во кој имаше увид Ројтерс, изјави дека нивниот „контра-предлог бил инспириран од американскиот нацрт“.

„Целта на нашиот нацрт е Советот за безбедност да развие избалансиран, прифатлив и унифициран пристап за постигнување одржлив прекин на непријателствата“, се наведува во текстот.

Рускиот нацрт, бара од генералниот секретар на ОН да идентификува опции за меѓународна стабилизациска мисија за Газа и не го споменува „Мировниот комитет“ предложен од САД како преодна администрација за Газа.

Мисијата на САД во ОН го повика Советот за безбедност да продолжи да ја разгледува американската резолуција.

„Обидите да се сее раздор сега, во време кога активно се преговара за оваа резолуција, имаат сериозни, опипливи и целосно избежливи последици за Палестинците во Газа“, изјави портпаролот на американската мисија.

Тој рече дека прекинот на огнот е кревок, поради што го повика Советот да се обедини и да продолжи напред за да го обезбеди мирот што е очајно потребен.

Израел и палестинската милитантна група Хамас се согласија во октомври за првата фаза од планот на Трамп од 20 точки за Газа, со што ја завршија нивната двегодишна војна и се согласија да ослободат заложници. Планот од 20 точки беше прикачен на нацрт-резолуцијата на САД.

Трамп ја исклучи можноста за испраќање американски трупи во Појасот Газа, но официјалните лица опишаа потенцијална мисија од околу 20.000 војници и се во преговори со Индонезија, Обединетите Арапски Емирати, Египет, Катар, Турција и Азербејџан за нивните придонеси.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот