На Штуловиот универзитет отворен Факултет за здравствени науки, ќе школува медицински сестри и физиотерапевти
На Универзитетот на југоисточна Европа (УЈИЕ) во Тетово, денеска беше отворен новиот Факултет за здравствени науки, на кој со стручно знаење ќе се стекнуваат идни медицински сестри и физиотерапевти. Отворени се неколку високоопремени предавални, во кои наставата ќе можат да ја следат околу 150 студенти.
Препорачано
Ректорот на УЈИЕ Абдулменаф Беџети вели дека факултетот засега ќе има две студиски програми: за медицински сестри и за физиотерапија.
„Отворањето на овој факултет беше едно не така лесно патување, бидејќи оваа област е многу регулирана. Поминавме низ сите институционални филтри за да дојдеме дотука. Важно е што подготвивме добра техничко-технолошка структура, за нашите студенти да можат да ја следат и практичната настава, која овде претставува околу 50 проценти од наставата. Предвидено е, освен нашите студенти, овие капацитети да ги користат и средните медицински училишта. На почетокот ќе има две студиски програми: Факултет за медицински сестри и Факултет за физиотерапија. Капацитетот ќе биде околу 150 студенти, но во првата генерација бројот ќе биде помал“, изјави Беџети, според „СДК“.
Официјалното решение од Министерството за образование и наука го предаде министерот Јетон Шаќири, кој заедно со ректорот Беџети денеска ја пресече црвената лента и го отвори новиот факултет.


