Милевски: Италија е фаворит, но нè случајно Македонија e во баражот

Селекторот Благоја Милевски вели дека неговите фудбалери нема да излезат со бело знаме во бараж натпреварот против Италија/Фото: EPA-EFE/VALDRIN XHEMAJ

Фудбалската репрезентација на Македонија во историскиот бараж за пласман на Светското првенство во Катар, го има „најтешкиот пат“ и во евентуалните два натпревари може да се сретне со последните два европски шампиони.

Фудбалерите во полуфиналето од баражот ќе играат против  актуелниот европски шампион Италија, додека втората полуфинална двојка ја сочинуваат Португалија и Турција. Победниците од полуфиналните натпревари, во меѓусебна пресметка ќе го дадат патникот на Мундијалот во Катар.

Селекторот Благоја Милевски е свесен за квалитетите на Италија, но порачува дека нема да излезат со бело знаме на 24 март идната година, кога треба да се игра натпреварот.

Италија е актуелен европски првак. Имаме голема почит за противникот и за нивниот селектор. Многупати сум напоменал дека го ценам како селектор и како тренер. Сметам дека е најзаслужен за европската титула на Италија. Под негово водство, сведоци сме на една нова, модерна фудбалска Италија која ги надминува стереотипите базирани само на дефанзива. Играат сосема поинаков фудбал, тоа ги отежнува работите за сите нивни противници, сега и за нас се разбира, но мора да се прилагодуваме на предизвиците. Македонија има свои квалитети, нѐ случајно сме во баражот и ќе се потрудиме да бидеме конкурентни и на овој натпревар – вели Милевски кој додава дека во денешниот фудбал нема аутсајдери.

Македонија покажа дека без разлика дали игра на домашен или на гостински терен може да се спротивстави на секој противник, се разбира дека ќе ни недостасува поддршката од публиката, но околностите не можеме да ги менуваме. Во денешниот фудбал аутсајдери има само на хартија. Сето она што се случува на терен е сосема друга приказна. Според рејтингот, Италија е фаворит, но на терен за исходот на мечот во голема мера ќе се прашуваме и ние. Покажавме во текот на квалификациите дека имаме квалитет, како и сите други учесници во баражот и ќе се потрудиме тоа да го потврдиме.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот