Михаел Рот: Уставните измени можеби се болни, но се неопходни
Парламентот и Владата да направат сѐ што можат да ја вратат Македонија на европскиот пат, порача денеска претседавачот на Комитетот за надворешна политика на Бундестагот и поранешен државен министер на Германија за Европа, Михаел Рот. Тоа враќање на патот, според него, значи дека уставните измени можеби се болни, но на крајот тие се неопходни.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Пред почетокот на конференцијата „Унапредување на Берлинскиот процес преку парламентарна дипломатија“ Рот кажа дека е неопходна поголема амбиција за пристапните разговори.
– Сакам да ги мотивирам моите колеги овде дека вреди да бидат повеќе ангажирани во борбата против корупцијата, за независност на судството, за зајакнување на владеење на правото и на демократска култура во оваа земја. Но, неопходните реформи не се обврска само на Владата туку и на пратениците – изјави Рот.
Одговарајќи на новинарско прашање за измените во кривичниот законик, кажа дека сега не е време за меѓусебни уценувања.
-Јасните очекувања од Европската Унија, бидејќи ние сме Унија на заеднички вредности, ние сме повеќе од единствен пазар, е дека сите земји кои сакаат да ѝ се приклучат на Унијата мора да ја продолжат борбата против корупцијата. Не сакам да одам во детали, слушнав гласини за аменстија и слично, мислам дека политичарите овде треба да размислат за тоа дека сега зборуваме за уставни измени и вклучување на бугарското малцинство и други прашања, кои се резултат на многу долги, интензивни и контроверзни преговори со ЕУ, особено со Бугарија. Мојата главна цел е дека треба да ги забрзаме преговорите меѓу ЕУ и Македонија бидејќи Македонија заслужува членство во ЕУ што е можно поскоро – изјави Рот.
Притоа додаде дека треба повеќе амбизциозност и од двете страни, и од европска и од македонска страна.
Рот доаѓа во Скопје после една година и, како што рече, задоволен е што гледа дека многу луѓе веруваат дека иднината на земјава е во Европа, порачувајќи дека иако Европа е „окупирана“ со војната во Украина, тоа не значи дека ја заборава важната улога на земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија.
Рот во Скопје, покрај учеството на конференцијата „Унапредување на Берлинскиот процес преку парламентарна дипломатија“ на која се поканети парламентарци и претставници на стручните служби на парламентите на земјите од Западен Балкан, германскиот Бундестаг и Европскиот парламент ќе има средби со претседателот на Собранието Талат Џафери, со претставници на Владата и со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.


