Мицкоски „заработи“ кривична пријава од СДСМ поради „чувствата“
Генералниот секретар на СДСМ Александар Димитријевиќ го повика Јавното обвинителство да го повика премиерот на распит и да ги испита неговите чувства за да докаже дека не работи само по нарачки од Мицкоски.
СДСМ поднесе кривична пријава против премиерот Христијан Мицкоски за злоупотреба на службената должност, односно дека со изјавите дека има чувство дека функционери од поранешната влада на СДСМ ќе станат предмет на прогон, врши политички прогон врз опозицијата. Генералниот секретар на СДСМ Александар Димитријевиќ го повика Јавното обвинителство да го повика премиерот на распит и да ги испита неговите чувства за да докаже дека не работи само по нарачки од Мицкоски. Тој додаде дека кривичната против премиерот е вистински одговор на изјавата на Мицкоски дека му се засилуваат чувствата за прогон на неистомислениците.
Препорачано
-Христијан Мицкоски повеќе не се крие, тој е обвинител, судија кој однапред нарачува судски процеси против опозицијата. Од позиција на премиер Мицкоски јавно најавува кривични прогони, таргетира конкретни луѓе од опозицијата и нивните семејства со однапред напишани обвиненија. Неговото „имам чувство“ го диктира стравот затоа што знае дека ќе мора да се соочи со одговорноста – рече Димитријевиќ.
Тој додаде дека станува збор за скандал од невидени размери, дека претставува целосно уривање на правниот и на уставниот поредок и дека за тоа мора да понесе одговорност. Според него, изјавата на Мицкоски е сигнал дека судството и обвинителството се претворени во алатка за политичка одмазда и прогон на неистомислениците, методи својствени на авторитарни режими какви што демократскиот систем не препознава.
– Затоа СДСМ поднесува кривична пријава против Христијан Мицкоски за злоупотреба на службена должност и овластувања член 353 став 1 од Кривичниот законик, повреда на рамноправноста на граѓаните член 137 став 1 и 2 од КЗ и за загрозување на сигурноста, член 143 став 1 од КЗ. Бараме јавното обвинителство веднаш да постапи по кривичната пријава, да го повика Мицкоски на распит и да се спречи натамошно загрозување на правниот поредок. Нека докаже ЈО дека никој не е над законите и дека може независно да постапува, а не само по нарачки. СДСМ нема да се повлече пред заканите. Мицкоски нарачува процеси мислејќи дека со тоа ќе не заплаши – рече Димитријевиќ.
На Мицкоски му се засилуваат чувствата дека ќе има прогон на поранешни премиери


