Христијан Мицкоски/ Фото: Фејсбук

На Мицкоски му се засилуваат чувствата дека ќе има прогон на поранешни премиери

Претседателот на опозицискиот СДСМ Венко Филипче во „чувствата“ на Мицкоски гледа политички прогон на опозицијата и преку официјални писма до ЕУ, ЕК, Европскиот парламент, известувачот за Македонија, како и амбасадорите на земјите членки на ЕУ ги известил за сериозно нарушување на демократскиот и уставниот поредок, поделбата на власта и владеењето на правото во Македонија.

Премиерот Христијан Мицкоски има сè посилни чувства дека функционери од поранешната влада на СДСМ ќе станат предмет на прогон. На опозицискиот СДСМ му порача да се допишува со кого сака, но прво да го побара Васко Ковачевски да се врати во земјава и додаде дека екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски ќе побараат откако Будимпешта ќе му го тргне  азилот.

Претседателот на опозицискиот СДСМ Венко Филипче, пак, во „чувствата“ на Мицкоски гледа политички прогон на опозицијата и преку официјални писма до Европската Унија, Европската комисија, Европскиот парламент, известувачот за Македонија, како и до амбасадорите на земјите членки на ЕУ известил за сериозно нарушување на демократскиот и уставниот поредок, поделбата на власта и владеењето на правото во Македонија.

– Секој има право да се допишува и да праќа писма, но моите чувства се сè посилни – рече Мицкоски прашан за коментар за писмата што ги испратил Филипче.

Тој неволно одговори на прашањето дали власта ќе побара од Будимпешта екстрадиција на Груевски, бидејќи Полска веќе официјално доставила барања Унгарија да ѝ ги испорача двајцата функционери од поранешната полска влада.

– Ама уште ли со тоа прашање, дадов одговор, не ќе се повторуваме сега. Поранешните членови на полската влада немаат азил. Во нашиот случај, поранешниот премиер има азил и за да се испрати барање за екстрадиција прво треба процедура да се тргне азилот. Сега ако испратиме, негативен одговор ќе добиеме. Можеме утре да го испратиме, нема проблем, дајте малку суштински да ги гледаме работите. Опозицијата нека го побара Васко Ковачевски да дојде – рече Мицкоски.

Филипче, пак, во името на СДСМ упати официјални писма до европските институции и амбасадорите на земјите членки на ЕУ во кои наведува дека во Македонија сериозно се нарушени демократскиот и уставниот поредок, поделбата на власта и владеењето на правото.

– Постои реална и основана загриженост дека извршната власт спроведува координирана стратегија за навлегување во судската независност, што укажува на јасна и систематска инсталација на авторитаризам – пишува Филипче.

За ваквата ситуација опозицискиот лидер директно го посочува Мицкоски и ги наведува најавите со закани врз опозицијата и најавата за политички прогон.

„Имам чувство, кога набргу, високи функционери од претходната влада на СДСМ, поранешни премиери, претседатели на Влада, нивни блиски од семејството ќе бидат опфатени со одредени прогони. Имам чувство, не велам дека имам информации, имам чувство.“

– Оваа изјава за политички реваншизам претставува директна закана за демократскиот плурализам. Неговото „чувство“ дека ќе следуваат конкретни постапки е транспарентен показател за намера за извршна контрола врз обвинителството и судството, односно подготовка на политички монтирани процеси. Со ваквото однесување, користејќи ги двете функции – премиер и претседател на ВМРО, Мицкоски ги претвора државните институции во инструмент на партиска пресметка, а истовремено ги користи како заштитен штит за сопствените структури – пишува Филипче во писмата.

Тој додава дека СДСМ документира организирана делегитимизација на правосудниот систем и бара итна реакција од европските институции.

– Ваквото однесување е целосно неспојливо со вредностите на држава која претендира за членство во Европската Унија – се вели во писмото.

Од партијата информираат и дека ги прашале и домашните институции до каде е постапката за можна екстрадиција на Груевски, повикувајќи се на соопштението на Министерството за правда, од каде најавија дека ќе ги побараат сите списи од надлежните судови и обвинителства за предметите поврзани со бегалецот во Унгарија и дека ќе постапат согласно законските прописи.
СДСМ прашува дали Владата веќе ги подготвила документите и дали е поднесено официјално барање за екстрадиција.

– До каде е постапката? Ги спреми ли владата на Мицкоски документите? Дали е поднесено барање за екстрадиција на Груевски? – прашува СДСМ.

Од партијата посочуваат дека други држави веќе преземаат конкретни чекори.

– Додека институциите во Македонија прибираат документи, други држави веќе делуваат. По најавите на Петер Маѓар дека нема повеќе заштита за криминалци во Унгарија, Полска не чекаше туку веднаш реагираше и веќе испрати официјално барање за екстрадиција на своите политичари – велат од СДСМ.

Според партијата, евентуалното одолговлекување може да влијае врз исходот на процесот и повикува институциите да постапуваат поефикасно. Од СДСМ обвинуваат дека Мицкоски свесно ја кочи постапката за да му овозможи на Груевски простор за ново бегство.

– Само Владата предводена од новиот Ванчо Михајлов во ВМРО, Христијан Мицкоски, сè уште нема поднесено барање за екстрадиција на Никола Груевски. Ова значи дека му се купува време на Груевски и намерно се одолговлекува. Груевски нема да добие азил во Турција, но веќе преговара за други опции, како Русија и Белорусија. Во исто време Сиљановска е во Турција за спас на Мицкоски и Груевски. Овие информации отвораат сериозен ризик Груевски повторно да избега од дофатот на правдата. Наместо итна реакција, сведоци сме на опасно одолговлекување – констатира СДСМ.

Мицкоски „има чувство“ дека наскоро ќе се гонат поранешни премиери на СДСМ и нивни блиски

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот