Христијан Мицкоски / фото: Фејсбук

Мицкоски „има чувство“ дека наскоро ќе се гонат поранешни премиери на СДСМ и нивни блиски

Премиерот Христијан Мицкоски вели оти „има чувство“ дека наскоро ќе се гонат поранешни премиери на СДСМ и нивни блиски од семејството. Ова тој го изјави одговарајќи на прозивките на опозициската партија – Владата да побара екстрадиција за поранешниот премиер Никола Груевски, за тој да одговара пред правдата во Македонија, по катастрофалниот пораз на Виктор Орбан во Унгарија и најавите на идниот премиер Петер Маѓар дека ќе го испорача.

-Во државата мора да имаме еднакви услови за сите, без разлика кој бил, дали е сегашен или поранешен висок функционер. И тука не треба да има никаква дилема, барем додека е оваа Влада и додека сум јас претседател на Владата – рече Мицкоски без да додаде повеќе на вчерашната изјава околу најавите за враќање на Груевски, за кого рече дека ако се врати, ќе оди во затвор.

Тој ѝ порача на опозицијата, доколку сака да биде реална алтернатива на Владата, да го повика ексдиректорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој избега од државата соочен со обвинение за милионски проневери, да се врати и да се соочи со правдата.

– Но, она што загрижува е фактот дека опозицијата сè уште не ја научи лекцијата и сè уште живее во оној свој паралелен свет, па никако не можете да слушнете, да речеме, да го повикаат Васко Ковачевски да се врати и да се соочи со правдата. И се чудам зошто на нивните прес-конференции, доколку сакаат и пледираат да бидат реална алтернатива на оваа Влада, не можете да го сретнете името на Васко Ковачевски и да го повикаат исто така да се врати и да се соочи со правдата. Очекувам истата оваа опозиција да се однесува вака критички како што сега се однесува кога имам чувство дека набргу високи функционери од претходната влада на СДСМ, поранешни премиери, претседатели на влада, нивни блиски од семејството и така натаму, ќе бидат опфатени со одредени прогони. Имам чувство, не велам дека имам информација, имам чувство. Очекувам дека и тогаш кога тоа ќе се случи, исто така ќе имаат вакви прес-конференции и тогаш нема да велат дека тоа е политички прогон, туку ќе ги повикаат да одговараат пред органите, односно да ја докажуваат својата невиност – додаде Мицкоски.

ВИДЕОАНКЕТА: Дали Груевски треба да се врати во Македонија?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот