Христијан Мицкоски Фото: Принтскрин

Мицкоски: Ако Груевски се појави во Македонија, ќе оди во затвор

Специфичните политики поврзани со Никола Груевски се одлука на унгарската Влада и јас не би имал што да кажам.

Премиерот Христијан Мицкоски нема очекувања во врска со евентуална екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски, но вели дека ако тој се појави во Македонија, ќе заврши во затвор. На опозицискиот СДСМ му порача слободно да направат ревизија на договорите со Унгарија бидејќи сè било транспарентно.

-Јас немам очекувања никакви, но ако Груевски се појави во Македонија, тој има правосилна пресуда и откако ќе се појави, нормално органите на редот ќе го обезбедат и ќе го упатат на издржување на зтворска казна којашто е согласно правосилна одлука. Ние сме Влада за која сите закони важат и Влада која мора да ги почитува законите и институциите, а секое лице има право да ги користи институциите и своите права да поднесува жалби. Но ние како Влада имаме правосилна пресуда, за која, за лицето за кое говорите е упатено на отслужување на затворска казна. А дали ќе се врати и кога ќе се врати јас немам такви очекувања – рече Мицкоски.

Тој за екстрадиција на Груевски упати на унгарската Влада и на нашето Министерство за правда бидејќи како што рече тој не е министер туку премиер.

-Специфичните политики поврзани со Никола Груевски се одлука на унгарската Влада и јас не би имал што да кажам. Екстрадиција е побарана во 2018 година, а е одбиена во 2019 година од унгарските власти. Постои процедура, ако лицето има право на азил и за повеќе детали обратете се во Министерството за правда. Јас не сум министер за правда туку претседател на Влада – рече Мицкоски.

Тој му честиташе на новиот премиер на Унгарија, Петер Маѓар, и рече дека имал исклучително блиска и непосредна соработка со претходниот претседател Виктор Орбан.

ВИДЕО | Маѓар удри по Груевски: Унгарија нема да биде засолниште за криминалци – Слободен печат

-Но волјата на граѓаните во Унгарија е јасна и недвосмислена и Маѓар ја доби поддршката. Политиките што ќе ги води очекувам дека ќе бидат проевропски, проинтегративни и очекувам бескомпромисна поддршка за интеграцијата на регионот вклучително и на нашата држава во рамките на ЕУ – рече Мицкоски.

За најавата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, дека ќе бара ревизија на договорите со Унгарија, премиерот рече дека сите договори се транпсренти, а за СДСМ рече дека се однесува како Алиса во земјата на чудата.

Филипче: Ќе побара ли Владата екстрадиција на Груевски? – Слободен печат

 

-СДСМ изминатиов период најблаго кажано живее како Алиса во земјата на чудата, а јас би го класифицирал како СДСМ во светот на лагите и конструкциите. Лажеа дека државата ќе банкротира, лажеа дека ќе дојдат мигранти во Македонија, многу пати СДСМ кажуваше работи кои можеби звучеа интересно, но ништо не се случуваше. Слободно може да си бараат, ќе си добијат сè што институциите можат да им дадат – рече Мицкоски.

Прашан дали е можно да биде повлечен кредитот од Унгарија, Мицкоски рече дека еднострани промени се невозможни бидејќи кредитот е со Ексим банката, не со Владата.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот