Венко Филипче / Фото: СДСМ / принтскрин

Филипче: Ќе побара ли Владата екстрадиција на Груевски?

Филипче порача дека победата на Маѓар е показател дека европските интереси победуваат над Русија. Тој потенцира дека победата на Маѓар ја честитала цела Европа, освен нашиот премиер Христијан Мицкоски.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче побара Владата да одговори дали откако ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ се на власт побарале екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски и ако не да одговорат зошто и дали веќе денеска ќе побараат Будимпешта да го врати бегалецот и азилант откако новиот премиер на Унгарија Петер Маѓар најави екстрадиција на Груевски.

Од новата унгарска власт Филипче побара да го истражи потеклото и текот на парите што од сега експремиерот Виктор Орбан се слеале во Македонија преку ВМРО-ДПМНЕ. Филипче порача дека победата на Маѓар е показател дека европските интереси победуваат над Русија. Тој потенцира дека победата на Маѓар ја честитала цела Европа, освен нашиот премиер Христијан Мицкоски.

ВИДЕО | Маѓар удри по Груевски: Унгарија нема да биде засолниште за криминалци – Слободен печат

-Сега се поставува прашањето што ќе прави Никола Груевски, осудениот бегалец и симбол на корупција кога повеќе нема заштитник во Будимпешта. Ќе бега ли на друго место во Русија или во друга земја или ќе се врати тука да ја отслужи казната. Ја поздравувам јасната и недвосмислена порака на новиот унграски премиер дека повеќе ќе нема да обезбедува засолниште на луѓето кои бегаат од правдата. Маѓар експлицитно кажа дека Унгарија ќе ги испорача оние кои се кријат на нејзина територија и директно го посочи Груевски како криминалец. Бидејќи Знам честиташе победа на новиот премиер, сега го поставувам прашањето – има ли барање за екстрадиција од Владата на ВМРО-ЗНАМ за враќање на Груевски? Ако нема, зошто нема? И ако нема, дали денеска по изјавата на новиот унгарски премиер ќе поднесат барање за екстрадиција? – рече Филипче.

Филипче обвини дека Владата ги ставила стратешките интереси на Македонија во рацете на Орбан, не заради интересите на државата и на граѓаните, туку заради свои лични бизнис-интереси. Тој обвини за штетни договори на ВМРО-ДПМНЕ со Орбан во медиумите, телекомуникаците, енергетиката, финансиите, комуникациите.

-Историската победа во Унгарија испраќа јасна порака на целиот регион дека времето на автократите завршува, паѓаат автократските режими, следен е тој во Србија, па после тоа на Мицкоски кај нас. Регионот припаѓа на Европа, не на Русија, доаѓа време на правда и на одговорност. Се потврди тоа што го говориме подолго време зошто е ова многу важно за Македонија. Владата на Христијан Мицкоски ги стави стратешките интереси на Македонија во рацете на Орбан, не за државата туку за свои лични бизнис-интереси. Не ги стави во рацете на Унгарија, не ги стави за доброто на Македонија, ги стави во рацете на бизнисмени, блиски луѓе на човекот којшто сега веќе не е на власт и не за доброто на државата. Телекомуникации, енергетика, медиуми, финансии, сè беше поврзано со кругот на Орбан. Македонија веќе со години е во медиумски мрак поради медиумите контролирани од Орбан со кои директно управува ВМРО. И додека ние предупредувавме дека режимот на Орбан ќе падне, ВМРО панично ја засилуваше црната кампања обидувајќи се да дефокусира. Денес кога Орбан падна, паниката кај ВМРО е очигледна, ботовите на социјалните мрежи работат под полна пареа исмејувајќи ја победата на Европа над авторатиризмот. Дојде време за вистината и за бизнис-врските помеѓу Орбан и Мицкоски. Откако ВМРО е на власт, Орбан ја користеше Македонија како своја приватна колонија за политички и за финансиски интереси – рече Филипче.

Тој додаде дека речиси 40 проценти од медиумите тука се под директна контрола на луѓето на Орбан, во служба на ВМРО за црна кампања, за креирање лажни вести и за ширење антиевропски наративи. Филипче посочи и на финансиите кои се слеале од Унгарија во Македонија.

-Дојдоа една милијарда евра кинески пари потврдени во извештај на Европскиот парламент под таканаречени пријателски услови што ќе ги отплаќаат нашите внуци за политичка и медиумска поддршка на Мицкоски. Орбан прво скриено, а потоа отворено беше рака на Русија во Европа. Сега Мицкоски ќе мора да најде друг начин како да ги финансира своите медиуми и лажните кампањи. Доаѓа време за одговорност. Сите овие договори мора детално да бидат истражени. Граѓаните мора да знаат кој точно стои зад медиумите, телекомуникациските и другите бизниси – рече Филипче.

Тој најави дека СДСМ ќе бара целосна истрага на сите бизнис комбинации меѓу Орбан и Мицкоски, дека антокорупцискиот тим на партијата веќе интензивно работи на откривање на сите „криминално-коруптивни дејствија на режимот, на тендер коалицијата, заедно со ЗНАМ, на чело со Христијан Мицкоски“.

Маѓар рече дека планира да ги одржи добрите односи со Македонија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот