Христијан Мицкоски, Билал Касами Фото: Фејсбук Касами

Мицкоски ќе менува министри, владини партнери веќе седнаа во премиерското столче

Премиерот Христијан Мицкоски го потсети лидерот на Беса кој е премиер, а Игор Филков му порача дека ќе може да го смени кога ќе биде премиер, откако Касами во улога на премиер веќе ги „разреши“ министрите за социјална политика и за правда

Најавената од премиерот реконструкција на Владата за напролет веќе создава нервоза, позиционирање, подметнување и препукување на јавната политичка сцена помеѓу владините партнери Вреди и ЗНАМ. Еден од водачите на Вреди, Билал Касами од Беса, во улога на премиер, веќе ги „разреши“ министрите за социјална политика и за правда Фатмир Лимани и Игор Филков.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, нема поим за кадровската математика на Касами во извршната власт и го потсети кој е премиер и дека само тој е одговорен за составот на Владата. Филков му порача на Касами дека ќе може да го смени кога ќе биде премиер.
Дека политичката ситуација се подгрева во пресрет на реконструкцијата на Владата, потврда се и шпекулациите дека Беса на Касами ќе замине од „Илинденска“.

Фатмир Лимани на „отстрел“

Висок функционер од Вреди за „Слободен печат“ брифира дека целата игранка на Касами, вклучително и шпекулацијата дека Беса ќе излезе од Владата, е со цел Касами да се ослободи од Лимани, и во рамките на партијата и во рамките на Владата. Касами, во гостување на ТВ21, најави дека на синоќешното Централно собрание на Беса планирал да се разговара за ефикасноста на нивните функционери во Владата.

Фатмир Лимани, министер за социјална политика / Фото: „Слободен печат“, Драган Митрески

– Не можам да кажам дека сме целосно задоволни, бидејќи секогаш е потребна поголема посветеност од сите ресори што ги водиме. Направивме неколку анализи за силните и слабите страни на Движењето Беса во Вреди, и како дел од Вреди во Владата. Свикавме состанок на Централното собрание за да ги разгледаме овие прашања и да ја процениме нашата позиција во Владата и да донесеме одлука за нашето понатамошно делување. Верувам дека таму сите функционери ќе известат за тоа каков е резултатот од нивното управување со институциите, а како главно тело на Движењето Беса помеѓу двата конгреса ќе заземеме и ставови за тоа колку сме задоволни и дали можеше да биде подобро – рече Касами.

Тој најави дека се подготвува можна смена на министерот Лимани, бидејќи не е задоволен од неговата работа во извршната власт. Според Касами, голем дел од членството на Беса изразило загриженост за комуникацијата на министерот и дека тој како лидер на партијата може да предложи нов кадар за овој ресор кога на дневен ред ќе дојде реконструкцијата на Владата.

Биљал Касами / Фото: „Фејсбук“

– Дури и во евентуална реконструкција на Владата предлозите ќе дојдат од Вреди. И секако, почитувајќи ги предлозите од субјектите што го сочинуваат Вреди – вели Касами.

Мицкоски е задоволен од Лимани

Но со констатацијата на Касами не се согласува Мицкоски.

– Не, јас немам ваква информација. Јас сум задоволен со работењето на господинот Фатмир Лимани и мислам дека е додадена вредност во Министерството за социјална политика, демографија и млади. Јас сум мандатар на Владата и јас ја составувам Владата, ако некој тоа го заборавил, да го потсетам – одговори Мицкоски.

Христијан Мицкоски Фото: Фејсбук Мицкоски

Судирот меѓу Касами и Лимани кулминираше по локалните избори, откако министерот што беше кандидат за градоначалник на Кичево, ги изгуби изборите. Висок функционер од Вреди брифира дека Касами очекувал по локалните избори Лимани да поднесе оставка од министерската функција, но тој одбил.
За да се „ослободи“ од Лимани, како можно сценарио за вечерашниот состанок на највисокиот партиски орган се најавува сите членови на Централното собрание да поднесат оставки и при изборот на новиот состав да нема место за Лимани. Ова најверојатно потоа ќе биде аргумент на Касами пред премиерот дека Лимани не може да остане министер, бидејќи не е член на највисоките партиски тела. Но, лидерот на Беса се заигра во улогата на премиер и при претстојната реконструкција на Владата навести и смена на Филков.

 – Општопознато е, јавно, дека еден од министрите што ќе бидат реконструирани во реконструкцијата на Владата ќе биде и министерот за правда. Гледам дека се обидува да ја искористи својата слабост, својот неуспех да се справи со толку важно прашање, враќајќи го прашањето на меѓуетнички теми, па за да добие поголеми политички поени од дел од македонската заедница, се обидува да го оправда своето евентуално разрешување со „тука сакав да го заштитам македонскиот јазик“ – рече Касами.

Мицкоски, пак, прашан дали министерот за правда ќе биде сменет, рече:

– Па, не знам, тоа можеби треба да го прашате господинот Билал Касами – изјави Мицкоски.

Касами одби да го коментира премиерот, но доби одговор од Филков дека „кога тој ќе биде премиер, ќе кажува кој ќе биде министер, а кој не, а дотогаш владеењето на правото, односно почитувањето на Уставот и на законите ќе важат за сите“.
Според висок функционер од Вреди, допрва ќе следуваат потреси во коалицијата , односно дека се очекува повеќе функционери што се на директорски позиции да бидат сменети. Нејасно е дали Вреди ќе ги „проветри“ кадрите пред или по реконструкцијата на Владата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот