„Ме дрогираа четири недели“: Дафи за првпат ќе зборува за хоророт што ѝ го уништи животот
Велшката кантавторка Дафи, која светска слава стекна во 2008 година со мегахитот „Mercy“, наскоро првпат јавно ќе проговори за трауматичните настани што го обележаа нејзиниот живот и доведоа до нејзино целосно повлекување од музичката индустрија. Како што беше најавено на настанот „Series Mania“, Дафи ќе ја раскаже својата приказна во нов документарен филм во продукција на „Дизни+“, пренесува „Гардијан“.
Препорачано
Информацијата ја потврди Ангела Џејн, раководителка за содржина за регионот „ЕМЕА“.
Дафи уште во 2020 година откри дека исчезнала од јавноста во 2011 година бидејќи била киднапирана и силувана. Оттогаш, таа речиси целосно се повлече од светот. Џејн истакна дека станува збор за исклучително чувствителен проект: „Ни ја довери својата приказна, па имаме огромна одговорност да постапиме внимателно. Ова е првпат таа навистина да зборува за тоа што ѝ се случило“, изјави Џејн.

„Ме дрогираа четири недели“
Документарецот, во режија на Гил Калан, ќе биде ретроспективен приказ на нејзиниот живот, од детството во Велс, преку вртоглавиот успех, па сè до трауматичното искуство. Филмот ќе содржи досега невидени снимки од Дафи, како и интервјуа со нејзиното семејство и соработниците.
По првичното обраќање на социјалните мрежи, Дафи на својата веб-страница објави детално сведоштво за киднапирањето:
„Ми беше роденден. Ме дрогираа во ресторан, па ме држеа под дејство на дрога четири недели додека патувавме во странска земја“, напиша таа, додавајќи дека сторителот дури се заканувал дека ќе ја убие.
„Не се чувствував безбедно да одам во полиција. Мислев дека ако нешто тргне наопаку, ќе бидам мртва. Морав да ги следам своите инстинкти“, објасни пејачката.
Иако подоцна контактирала со властите, таа призна дека со години се чувствувала „скаменето“. Говорејќи за можен повраток во музиката, Дафи изјави дека ова сведоштво го прави за конечно да се ослободи од минатото.


