Македонскиот капитен Ѓоргиев слави во Љубљана и мисли на репрезентацијата

Foto Facebook, ACH Volley Ljubljana

Одбојкарот Никола Ѓоргиев со неговиот клуб АЦХ Волеј Љубљана сезонава веќе освои две титули, во Купот на Словенија и во средноевропската МЕВЗА лига, па му останува уште титулата во националното првенство. Покрај клупските обврски, тој веќе размислува за македонската репрезентација и за претстојниот настап на ЕП 2023

Капитенот на македонската одбојкарска репрезентација Никола Ѓоргиев (34) бележи успех врз успех во неговиот клуб АЦХ волеј Љубљана, но не го заборава ни националниот тим, со кој летово му следува настап на Европското првенство што ќе се одржи во нашава земја. Неговата одлична форма може уште отсега да радува, во пресрет на ЕП 2023.

Ѓоргиев, откако со АЦВ Волеј, каде е капитен, го освои Купот на Словенија, освои уште еден трофеј, титулата во Средноевропската МЕВЗА лига. Сега за АЦХ Волеј останува да ја одбрани уште титулата во шампионатот на Словенија, па планот да биде сто отсто исполнет, во втората сезона на Ѓоргиев во овој клуб.

Во обете финалиња, она во Купот и во МЕВЗА лигата, противник на АЦХ Волеј беше Калцит волеј Камник. Во првото љубљанчани победија со 3-2, а во второто со 3-1. Во обете победи Ѓоргиев, кој игра како коректор, беше далеку најефикасен поединец со 27 (МВП), односно со 24 поени.

 

Facebook, ACH Volley Ljubljana

АЦХ Волеј во словенечкото првенство води без ниеден изгубен меч и изгледа дека ќе успее и во третата цел за сезонава, одбрана на националната титула.

– Првите две цели ги остваривме со освојувањето на Купот и МЕВЗА лигата. Сите сме многу среќни. Финалните мечеви беа тешки, како што секогаш се финалињата, особено кога сте фаворит и треба да ја оправдате таа улога. Ние тоа го направивме. Сега сме фокусирани на освојувањето на титулата во првенството на Словенија – вели Ѓоргиев, кој сега со АЦХ Волеј има пет титули, три од лани и две од сезонава.

Никола и покрај големите клупски обврски и одговорност, не заборава на македонската репрезентација. Македонија e коорганизатор на ЕП 2023 што ќе се одржи од 28 август до 16 септември, а нашиот тим е во тешка група со Чешка, Данска, Црна Гора, Холандија и Полска. Капитенот наоѓа време да ги следи противниците од групата.

– Сигурно дека размислувам на претстојното Европско првенство и следам како играат играчите од репрезентациите кои се во нашата група. Посебно внимание посветувам на нивните главни играчи. Ја следам нивната форма. Бидете сигурни дека ќе се бориме, на секој меч ќе дадеме сто отсто, ќе гинеме на теренот, ќе го дадеме секој атом од нашата сила и се надевам дека тоа ќе биде доволно за нов успех на македонската одбојка сите зедно да се радуваме – вели капитенот, а јавноста што ги следи неговите досегашни настапи во националниот тим знае дека тоа не се само празни зборови.

Ѓоргиев, иако понекогаш размислува за тоа што ќе прави откако ќе се повлече од активното играње, сепак, на тоа не посветува многу време, туку вели дека се додека кај него постои страст и желба да игра, нема да го напушти теренот. По крајот на оваа сезона тој ќе има уште една сезона да одработи со Љубљана…

Искусниот интернационалец досега играше за неколку познати клубови меѓу кои Париз Волеј (Франција), ВфБ Фридрихсхафен (Германија), Варшава (Полска), Инегол Беледијеси (Турција), Торај ероус (Јапонија), со кои има повеќе титули и признанија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот