Македонија се утврдува со резолуција, Бугарија атакува на нашиот Устав

Собраниска седница/Фото: Архива на Слободен печат

Се очекува пратениците в понеделник со консензус да ја усвојат резолуцијата за црвените линии во разговорите со Софија, од каде, пак, стигна барање Бугарите да бидат вметнати во Уставот на Македонија како малцинство.

Пратениците со големо мнозинство, а можеби и со консензус од 120 пратеници се очекува да ја усвојат предлог-резолуцијата за црвените линии на македонската страна во разговорите што Владата ги води со соседна Бугарија за отстранување на блокадата кон ЕУ.

Отстранета е пречката што го спречуваше владејачкото мнозинство да ја поддржи резолуцијата, откако завчера попладне пратениците од СДСМ со амандманска интервенција го додадоа уставното име во документот. Претходно пратениците со големо мнозинство со 85 гласа за, еден воздржан и четири против, се согласија точката од 9 да биде поместена како втора на дневниот ред и ќе дојде на ред во понеделник, по тридневна расправа за ребалансот на Буџетот.

Резолуција час поскоро

Пратеникот Антонио Милошоски вчера побара резолуцијата да биде што поскоро изгласана.

– Сметаме дека содржината на оваа резолуција е многу битна и добро е македонското Собрание што поскоро да ја изгласа по содржина како што беше и доставена, бидејќи е натпартиска и утврдува сериозна европска вредност, а тоа е правото на сопствено определување на идентитетот и зачувување и негување на сопствената историографија – рече вчера Милошоски.

Група пратеници од СДСМ поднесоа амандман на резолуцијата со кој во воведната реченица по Уставот се додаваат зборовите „на Република Северна Македонија“, исто како и по зборот Собранието, а во текстот, во точка 8 од резолуцијата, по зборовите Службен весник, исто така се додава уставното име на земјата, Република Северна Македонија.

Од СДСМ веќе се изјаснија дека тоа ќе биде нивна единствена интервенција во текстот на резолуцијата, чија содржина, инаку, целосно ја прифаќаат. Премиерот Зоран Заев рече дека тој би сакал во резолуцијата да бидат споменати и Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство, но нема да го бараат тоа.

ДУИ најави дека ќе ја поддржи резолуцијата доколку не е спротивна со Уставот, односно ако во неа се содржи уставното име. Сличен став имаат и помалите парламентарни партии од владејачката коалиција, кои сакаат да се води собраниска расправа. Засега не се изјаснува само албанската опозиција, од каде што велат дека го разгледуваат документот и на собраниската седница ќе ги кажат своите забелешки.

Во резолуцијата за македонските државни позиции поврзани со евроинтеграциите се бара разговорите со Бугарија да се водат на рамноправна основа, со почитување на меѓународното право, без условувања од ниедна страна и со почитување на достоинството на македонскиот народ. Во една од точките се бара да се почитуваат сознанијата на македонските науки за автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет. Собранието ја обврзува и ја насочува Владата и сите надлежни институции за надворешната политика да постапуваат во рамките на позициите што се утврдени во резолуцијата.

Бугарија сака Бугари во македонскиот Устав

Во соседна Бугарија вчера почнаа разговорите за новата влада, која се чека и во Македонија за што поскоро да продолжат разговорите на владино ниво и да се постигне договор по кој Софија ќе ја крене блокадата во ЕУ за усвојување на преговарачката рамка. Оттаму дојде и ново барање за нас кое го испорача техничкиот министер за надворешни работи Светлан Стоев – Бугарите да влезат во македонскиот Устав како малцинство.

– Ако го погледнете Уставот на РСМ по 2001 година, таму Бугарите како народ што живее на територијата на сегашната држава не фигурираат. Има Срби, има Албанци, има Роми, има Турци, Бошњаци, но нема Бугари – вели Стоев.

Тој истакна и дека Скопје не назначува амбасадор во Софија повеќе од една година, а говорот на омраза останува сериозен проблем во билатералните односи.

Според министерот, излезот е единствено во билатералните преговори.

– Ова ѝ го кажав на македонската страна, дека најдиректниот пат е преку постигнување билатерален договор, односно спроведување на веќе потпишаните договори меѓу бугарската и македонската држава – рече Стоев и повтори дека Бугарија останува на ставот дека иднината на РС Македонија е во ЕУ.

Бугарскиот претседател Румен Радев, пак, завчеравечер се сретна со претставници од партијата ГДУ од Македонија и истакнал дека дијалогот е од заеднички интерес на граѓаните од двете земји.

– Ги ценам напорите на премиерот Зоран Заев за враќање на дијалогот, но време е да се стимулираат институциите и политичките партии да се посветат на остварување на потенцијалот, а не на натрупување нови проблеми. Прекинувањето на дискриминацијата и почитувањето на правата на Бугарите во РСМ ќе биде знак на европска зрелост за Северна Македонија. Повеќе од 120.000 луѓе имаат бугарски пасоши таму, тие очекуваат институциите во Бугарија да бидат многу поактивно вклучени во решавањето на нивните проблеми – рече Радев.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот