Македонија ќе ги покани Абазовиќ и Курти на следниот самит на „Отворен Балкан“

Дритан Абазовиќ/Албин Курти (Фото АДФ)
Дритан Абазовиќ/Албин Курти (Фото АДФ)

На следниот самит на иницијативата „Отворен Балкан“ што треба да се одржи на крајот на мај или почетокот на јуни ќе бидат поканети и лидерите на Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина, потврди за „Слободен печат“ Марјан Забрчанец, Национален координатор на Владата за „Отворен Балкан“ и за регионални иницијативи.

– Поканата е постојано отворена за Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина. Лидерите на земјите ќе добијат покана и за следниот самит што ќе биде одржан во Северна Македонија. „Отворен Балкан“ има политики на постојани отворени врати за сите земји од Западен Балкан, што значи дека и на следниот самит лидерите на сите земји од регионот, вклучително и на Косово, Црна Гора и Босана Херцеговина ќе бидат поканети, изјави Забрчанец.

И новиот премиер на Црна Гора Дритан Абазовиќ, чија земја досега имаше резерви околу иницијативата, дали е политичка за решавање на одредени етнички прашања или е економска, изјави дека се залага за регионалната иницијатива „Отворен Балкан“.

– „Отворен Балкан“ е направен за шест земји, не е направен за пет ипол земји или три ипол земји, туку за шест земји. Секој кој учествува се претставува себеси и својата земја. Мое мислење, можеби грешам, е дека најголем интерес во регионот е Косово да биде во која било регионална иницијатива, изјави Абазовиќ.

Поранешниот дипломат Ивица Боцевски смета дека лидерите на Црна Гора треба да објаснат дали добиле гаранции дека иницијативата „Отворен Балкан“ не е политички проект, туку е исклучително економиски, а Еди Рама и Александар Вучиќ треба да кажат дека иницијативата не е проект што интегрално ќе го реши српското и албанското прашање на Западен Балакна.

– Потребна е една изјава од Еди Рама и Александар Вучиќ дека не станува збор за еден проект каде што интегрално ќе се реши српското и албанското прашање. Меѓутоа, проект што ќе овозможи да нема граници на Балканот, да има економска соработка, да биде економска слободна зона, луѓето слободно да се движат, да работат, да студират, никој нормален нема против таква работа. Црна Гора токму поради причините за кои јас зборувам се плашеше, оние имаат голем број на српска и албанска заедница и досега им беше страв каде е местото на Црна Гора во оваа комбинација. Дали има гаранции? Тоа некој треба да го објасни. Дали некој добил гаранции дека ова не е политички, големо српски или големо албански проект, туку е економски, изјави Боцевски за „Слободен печат“.

Во меѓувреме привршуваат последните подготовки за добивање идентификациски броеви на „Отворен Балкан“, односно дозвола за работа без бариери во Албанија, Србија и Северна Македонија. Без никакви административни бариери граѓани на Србија, Северна Македонија и Албанија ќе можат да бараат работа и да се вработат во некоја од трите земји, со помош на идентификациски броеви што се предвидени со иницијативата „Отворен Балкан“.

Ваквиот слободен пристап до пазарот на трудот во земјите на „Отворен Балкан“ ќе биде овозможен со договорите што кон крајот на декември во Тирана ги потпишаа Еди Рама, Александар Вучиќ и Зоран Заев за слободен пристап до пазарот на труд, односно за единствена работна дозвола за сите три земји. Според оптимистички прогнози, првите идентификациски броеви се очекува да бидат издадени на крајот на мај или почетокот на јуни, што би значело дека уште ова лето може да има голема флуктуација на работна сила во трите земји.

Властите во Приштина и Црна Гора одбија да учествуваат во „Отворен Балкан”, додека во Босна и Херцеговина не беше постигнат консензус за приклучување кон иницијативата, која ги вклучува Србија, Албанија и Северна Македонија.

Оваа иницијатива предвидува слободно движење на капитал, стоки, услуги и луѓе меѓу земјите-членки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот