Македонци се пишале Роми за да добијат стипендија, но МОН ги разоткри

Министерство за образование и наука - табла / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

Неколку студенти се обратија во редакцијата на „Слободен печат“ со барање да истражиме зошто Министерството за образование и наука со месеци не им ги исплаќа стипендиите за студенти Роми. Но, од МОН за „Слободен печат“ велат дека најверојатно овие студенти не добиваат исплати, затоа што не се Роми. Да биде ситуацијата уште поинтересна, тие испраќале и приговори до Министерството за образование и наука поради тоа што парите не им легнале на сметката како што тоа се случило за други нивни колеги Роми.

Бевме избрани за да добиваме стипендии за студенти Роми од страна на Министерство за образование и наука. Не има на ранг листата за одобрени стипендии. Верувале или не, досега немаме добиено ниту еден одговор на нашите мејлови и повици и не ни имаат исплатено ниту една рата за стипендија, ни напиша лице кое фигурира на ранг листата на МОН дека ги исполнува условите за да добие стипендија за Роми. 

Станува збор за конкурс кој беше објавен од страна на Министерството за образование и наука за редовни студенти Роми запишани на студии од прв циклус на јавните и приватните факултети во земјава. Откако заврши конкурсот беше објавена и ранг-листа на која се наоѓаат сите кои ги исполнуваат условите од конкурсот. Меѓу имињата се наоѓаат и лицата кои од „Слободен печат“ побараа да контактираме со Министерството бидејќи ратите од стипендиите не ги добиваат.

Но, од МОН добивме изненадувачки одговор – иако овие лица се наоѓаат на ранг листата за избрани студенти, сепак при дополнителни проверки се утврдило дека не се Роми, туку Македонци. Во рамки на Конкурсот за доделување на стипендии на студенти Роми, кандидатите својата етничка припадност ја потврдуваат преку електронска изјава која има правен основ, а воедно и потпишуваат согласност за обработка на нивните лични податоци. Токму оваа изјава била основот МОН да направи проверка на факултетите и да проверува како овие студенти фигурирале при уписот односно која етничка заедница ја навеле.

По направениот увид на апликациите на кандидатите за стипендии на студенти Роми за академската 2023/2024 година,  преку директен контакт за обезбедување на редовноста на студентот и валидација на изјавата за етничка припадност до јавните и приватните универзитети, констатирано е дека од вкупниот број на апликати (149), осуммина од кандидатите потпишале изјава дека се припадници на ромската етничка заедница, додека при упис на високообразовна установа се запишани како редовни студенти, но се декларирани како припадници на други етнички заедници, велат од МОН за „Слободен печат“.

Министерството за образование и наука, доделува стипендии за студенти Роми кои се воедно и јавна политика и истите се дефинирани во Законот за студентски стандард од академската 2015/2016 година.

Средствата за стипендиите за студенти Роми се целосно обезбедени од посебна буџетска програма на МОН, наменета за поддршка на образованието на Роми и целта на истите е да се доделуваат исклучиво на припадници на ромската етничка заедница.

Злоупотреба од било каков тип по однос на доделувањето на стипендии за студенти Роми, ниту имало, ниту ќе има, имајќи предвид дека и самиот тим кој работи на планирање, имплементација и дефинирање на јавните политики за Роми во Министерството за образование и наука се воедно припадници на ромската етничка заедница. Вработените во МОН без разлика на етничката припадност, се задолжени средствата наменети за стипендии, во случајот конкретно средствата наменети за стипендии на студенти Роми, да пристигнат на точна адреса, на категоријата на студенти на која најмногу им се потребни, додаваат за „Слободен печат“ од Министерството за образование и наука.

Благодарение на оваа јавна политика, бројот на студентите Роми во изминатите 11 години се зголемува значително, а за тоа говори фактот што во текот на академската 2015/2016 година беше објавен Конкурс за доделување на 30 стипендии, а оваа академска 2023/2024 година МОН објави Конкурс за доделување на 135 стипендии за студенти Роми.

Сите студенти Роми кои ги исполнуваат условите за добивање на оваа стипендија, редовно се исплаќани и во моментот ја очекуваат исплатата на стипендијата за месец мај 2024 година.

Како еден од основните критериуми согласно Конкурсот, освен редовноста на студентите, неминовно е студентите да се припадници на ромската етничка заедница, велат од МОН за „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот