Јасмина Лескаровска / Фото Агенција за Промоција и Поддршка на Туризмот

Лескаровска: Туристичкиот сектор е една од алатките за брзо закрепнување на економијата

Расте интересот за посета на Македонија како на странските така и на домашните туристи. Туристичката индустрија изминатата година ја заокружи со раст во поглед на бројот на странски туристи, ноќевања и девизен прилив. Директорката на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Јасмина Лескаровска генерално е задоволна од бројките и статистиката, но вели на терен , потребни се многу вложувања.

За да бидеме во чекор со светските туристички текови, ургентна е потребата од носење на Национална стратегија за туризам.

Таа вели дека иако Македонија е земја со најмногу планини на Балканот, сепак каскаме во зимскиот туризам.

Не може да очекуваме подобри резултати, а упорно да правиме исти грешки. Бројот на туристи во зимскава сезона не може да биде зголемен доколку туристичката понуда е иста како и претходните години, вели Лескаровска.

Туризмот е најгласниот амбасадор и промотор на Македонија. Агенцијата за поддршка и развој на туризмот е првата институција која се “бори“ да го подобри реномето на нашата земја. Иако кратко сте на позицијата Директор, подолго време сте во институцијата, што сметате дека е најсуштински што може а мора да се направи за да Македонија се најде во туристичките мапи на странските но и домашни туристи?

Лескаровска: Треба да почнеме од основата, тоа значи сеопфатни анализи на состојбата во туризмот, до каде сме и каде сакаме да бидеме. За да бидеме во чекор со светските туристички текови потребна е Национална стратегија за туризам, создавање на дестинациски менаџмент организации-ДМО- “Destination Management Organizations (DMOs)”, развој на зелени политики и одржливост на дестинациите. Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот го приоретизира развој на оддржливиот туризам што обезбедува зачувување на природниот, културниот и духовниот амбиент градejќи силни врски со локалното население и поддржувајќи го локалното производство.

Според неа, потребно е секторски и институционално да се фокусираме на реалните можности и точките за подобрувања кои треба да резултираат со прилагодување на законот за туристичка дејност, за решавање на проблемите со кои се соочува туристичкиот сектор, доколку сакаме вложувања и развој на туризмот. Вложување во човечкиот капитал, валоризацијата на дестинацијата низ различни форми на туристичка понуда, нов развој на долгорочна стратегија во туристичката индустрија, доволно флексибилна за да одговори на се поистенчените вкусови на новите патувачи и новите трендови во светскиот туризам.

Една од целите идентификувани во акцискиот план за развој на туризмот за Северна Македонија од страна на Светската туристичка организација (UNWTO) е да се развие бренд стратегија и да се промовира Северна Македонија.

Соседна Србија е пример како се развива Руралниот или селски туризам. Што треба да направи државата во овој поглед имајќи го предвид фактот дека имаме села кои “пишувале историја“ географски позиционирани на одлични локации?

Рамномерен регионален туристички развој е предизвик за сите во туристичката индустрија. Тоа би вклучувало и развој на руралниот и еко туризам кој бележи светски раст. Зајакнување на туристичката понуда во руралните области е возможна, преку градење на зелени и одржливи дестинации, но прво да се донесе Стратегија за развој на рурален туризам. Изработка на национална стратегија за развој на руралниот и екотуризмот како приоритетни туристички форми е значајна за локалниот економски развој, зголемување на работните места во тие области и намалување на миграцијата село-град. Истата може да биде изработена во соработка со домашни и странски експерти, а ќе вклучува и едукација на туристичкиот сектор, унапредување и подобрување на животот на руралното население во руралните населени места, со што би се овозможило значителен регионален развој на туристичките дестинации во земјава. Развојот на руралниот туризам ја истакнува автентичноста на дестинацијата, квалитет на услуга како вкупна перцепција од сите точки на контакт со локалното население, култура и начин на живеење.

Таа вели дека периодов ни покажа дека еко и руралниот туризам се една од основните работи за одржливост на сите туристички дестинации и туристички сектори. Генерално ние можеме да се фалиме со еко предели, но кога говориме дека треба да работиме тоа значи дека треба да овозможиме услови. Генерално треба да се подобри и зајакне учеството во меѓуграничната соработка, се повеќе треба да ги користиме ИПАРД компонентите и ЕУ фондовите во нашите рурални средини, токму за развој на овој вид туризам.

Дали и како Агенцијата може да го врати блесокот на нашите зимски центри а со тоа да ги врати регионалните и домашни туристи?

Лескаровска: Не може да очекуваме подобри резултати, а упорно да правиме исти грешки. Бројот на туристи во зимскава сезона не може да биде зголемен доколку туристичката понуда е иста како и претходните години. Зимските дестинации се посетени од туристи кои се на еднодневни екскурзии, домашните туристи беа најбројни во 2021 и 2022, но регионалните гости од Косово, Албанија, Србија, Бугарија и од Грција се тука. Сместувачките капацитети и туристичката понуда во Попова Шапка, НП Маврово, Пониква, Кожув е иста со децении и немаме толкави капацитети каде што може да се сместат тие гости коишто можеби сакаат да останат. Со интегрирање на процесот на стратешко планирање ќе се обезбеди реална визија за иднината на ски центрите во земјава. Вложување на државава преку издвојување на буџетски средства ќе се зголемат капацитетите и ефикасноста за спроведување на стратешките приоритети за развој на зимските центри, во насока на отворање на можности за одржливи домашни и странски туристички инвестиции.

Патната инфрастурктура и превоз се едни од забелешките на туристите. Како Агенција што може да “поправите“ во овој дел?

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот нема надллежност за решавање на проблемите во патната инфрастурктура и превоз. Проблемот е реален и е повеќе од очигледен, потребни се континуирани инвестиции за подобрување на патната инфраструктира и истото треба да биде приоритет на Владата, кој повлекува развој не само на туризмот туку и на македонската економија и стопанството.

Дали сте задоволни од туристичката статистика за изминатата година и во рамките на Буџетот за 2024 на што ќе се фокусирате во периодот кој следи?

Лескаровска: Туристичката индустрија изминатата година ја заокружи со раст во поглед на бројот на странски туристи, ноќевања и девизен прилив. Македонскиот туристички сектор до крајот на 2023та година ја постигнa целта од 3,2 милиони ноќевања и повеќе од 550 милиони долари туристички промет. Туристичкиот сектор според мене може да биде една од алатките за брзо закрепнување на македонската економија, но потребни се многу вложувања. Со сериозен импакт и вклученост на стејхолдерите во градење на одржливи форми на туризам и конкурентна туристичка понуда. Значењето на туристичката индустрија како стопанска област и туризмот како доходовна гранка влијае брз економскиот раст со учество од 4% и туристички промет од 471,59 милиони долари во БДП-то за трите квартали од 2023г. или раст од 25% компарирано со периодот од изминатата година.

Стратешкото планирање на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот за 2024 година е во корелација со старатешките согледувања на Светската туристичка организација (UNWTO), во поглед на превземање на активности и можностите за развој на туризмот во нашата држава. За Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) една од стратешките цели е продолжувањето на туристичката сезона, периодов ни покажа дека еко и руралниот туризам се една од основните работи за одржливост на сите туристички дестинации и туристички сектори. Акцент ќе се стави во градење човечки капацитети за оддржливост на дестинациите фокусирајќи се на алтернативните видови туризам, како руралниот, културниот, здравствениот, агри-туризмот, екотуризмот, ено-гастро концептот и рекреативниот туризам, наспроти масовниот туризам. Екотуризмот во следните неколку години треба да преставува двигател на голем број општини во руралните делови, овозможувајќи директен финансиски бенефит за локалното население понудувајќи го проектот педесет рурални села – педесет туристички приказни влијаејќи на нови зелени работни места, женското претприемништво и успорувајќи ја миграцијата од руралните средини.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот