Лекарската комора ќе пресече дали имало лекарска грешка во случајот со 41 годишната пациентка во Штип

Ковид центар во Штип / Фото: МИА

Петчлена комисија од Лекарската комора ќе заседава денеска или утре и ќе одбере медицински професионалци кои што ќе одлучат дали имало лекарска грешка во случајот во кој што почина 41 годишна пациентка во штипската болница, откако семејството обзнани дека пациентката пред да почине не успеала да добие никого на телефонските броеви за повикување лекар или сестра, а побарала и боца со кислород.

Инспекција во штипската болница: Кои лекари и сестри дежурале ноќта кога никој не ѝ се јавувал на пациентка оставена без кислород која почина?!

Претседателката на Лекарската комора на Македонија, доктор Калина Гривчева Старделова за „Слободен печат“ потврдува дека во петокот до нив стигнало барање од Министерството за здравство за стручен надзор на случајот. Бидејќи предметот има итност, Лекарската комора ќе заседава веднаш, а доколку не успее да донесе стручно мислење врз основа на наодите од здравствениот инспекторат, тогаш медицински лица ќе отидат во штипската болница на инфективното одделение да ја согледаат состојбата за конкретниот случај и ќе донесат одлука.

-Петчлена комисија ќе ги одбере медицинските лица кои ќе го направат стручниот надзор. Тие мора да бидат најсоодветни од областа и да не се од установата каде што ќе се врши надзорот, односно да не се од болницата во Штип. Бидејќи случајот има итност, ќе се заседава денеска или најдоцна утре, ни рече доктор Гривчева Страделова.

Случајот предизвика голем број реакции од страна на јавноста, откако семејството посочи дека од телефонските листинзи и податоци, евидентно било дека на двата телефонски броеви оставени за пациентите да побараат лекар или сестра додека се хоспитализирани во штипското инфективно одделение, сега починатата жена во последните часови од својот живот неуспешно се обидувала да добие медицинско лице на телефон. Откако случајот доби јавна димензија, а семејството не побара одговорност туку воведување на повеќе телефонски линии во болницата, раководството воведе уште две дополнителни линии. Главната нивна забелешка беше дека не може на ист телефон и пациентите и семејствата да бараат едните помош, а другите информации. Како што тврдат од ДЗЗИ за „Слободен печат“, во сите болници каде што направиле надзор, има воспоставено начин на информирање на семејствата за состојбата на пациентите.

За хоспитализираните пациенти во штипското инфективно одделение дежураат две медицински екипи по смени од по 12 часа. Во секоја смена има тројца доктори од кои еден инфектолог и четири медицински сестри. Инспекцијата на Државниот санитарен и здравствен инспекторат потврдила дека во болницата дневно се трошат меѓу 30 и 40 боци кислород. Но, санитарниот и здравствен инспекторат во рамките на своите надлежности, не нашол основа да ја санкционира болницата. Следни да го разгледаат случајот со 41 годишната пациентка и да го оценат нејзиното лекување, организациската поставеност на работата на болницата се Лекарската комора.

Пандемијата со коронавирусот, смртноста во болниците и реакциите на граѓаните за условите за лекување особено во градовите од внатрешноста, придонесоа инспекциски надзори да се водат и во други болници. Последен е случајот со клиничката болница во Битола каде на фотографија се гледа дека во иста просторија лежат двајца починати и двајца живи пациенти кои примаат инфузија. Параваните со кои се одделуваат пациентите да не може да се гледа што се случува од нивната страна на просторот, биле на перење! Во овој конкретен надзор инспекторите од ДСЗИ издале решение, директорката на болницата да обезбеди соодветна просторија, така наречена морга односно мртовечница. Сега мртовечницата во Клиничката болница во Битола има капацитет од четири лица, а дневно тука битката со различни болести и здравствени состојби ја губат двојно па и тројно повеќе луѓе од тој капацитет.

Медицинската јавност исто така наметнува прашања за тоа дали на клиниките се дава соодветна терапија на пациентите. Последен беше случајот со микробиологот доктор Никола Пановски, кој викендов ги посетил ковид центрите на интерните клиники во Скопје и ги пофали организацијата на ковид центрите, стручниот кадар и терапијата која им се дава, меѓутоа напомена дека исти контроли мора да се вршат и во ковид центрите во другите градови од земјава.

– Организационо солидно се поставени центрите, со јасна поделба на зелена и црвена зона, персоналот е адекватно заштитен, а тоа што јавноста треба да го знае, е дека во сите тие центри постојано има присутен пулмолог, а не како што пишуваат по социјалните мрежи дека таму лекувал на пример офталмолог. Со четворица од нив разговарав, со двајца лично, со две преку телефонска видео врска, вели доктор Пановски.

Тој констатира правилно давање на антибиотици и други лекови, посочувајќи случај, со ковид пациент кој има хронично заболување леукемија, лекарите со соодветна терапија успеале леукоцитите од 120 да му ги намалат на 35, а ЦРП од 300 на 50.

– Што се однесува до терапијата со антибиотици, за дијагнозата пневмонија, се почитуваат протоколите за лекување, и антибиотици се ординираат според клиничката слика, компјутерска слика на белите дробови и комплетни лабораториски наоди, каде се користи и најосетливиот маркер за диференцијација на вирусна од бактериска инфекција, прокалцитонинот. Се почитуваат протоколите за антибиотска терапија на пневмониии, како на пример монотерапија со респираторен кинолон, или комбинација на беталактам (цефтриаксон) со макролид (азитромицина најчесто) и кај тешките форми, каде нема ефект од оваа терапија или постои сомнение за болнички стекната пневмонија, се ординира карбапенем (имипенем или меропенем) со ванкомицин, утврдува Пановски.

Активни се 21.412 случаи на ковид-19 во земјава

Последните статистики на Институтот за јавно здравје покажуваат дека моментално во земјава има 21.412 активни случаи на Ковид 19. Само во последниот извештај од направени 2019 тестирања, позитивни се 812 случаи што е четириесет проценти од тестираните за тој ден. Починати се 32 пациенти, сите во болнички услови. Во поддршка на здравствениот систем се вклучува и Армијата на Република Северна Македонија, можност што се отвори со прогласувањето на кризна состојба. Воено медицински персонал, односно тим составен од дванаесет лекари и дванаесет медицински сестри ќе бидат распоредени во тријажниот центар на Интерното одделение, каде се врши прием на пациентите во ковид одделенијата.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот